Promocija e-vozila
Фото: Маја Јаневска Илиева

Би сакале тоа да биде наш проект. Ќе ги разгледаме сите опции, а ќе ја избереме таа што ќе биде најдобра за граѓаните, рече денеска министерката за енергетика Сања Божиновска, одговорајќи на новинарско прашање во врска со изградбата на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“.

Божиновска информира дека веќе е поставена рамка и дека се во тек финалните размислувања за финансиската конструкција.

Станува збор за проект, потсети, што ќе се гради седум – осум години.

-Имавме експертска група која работеше неколку месеци и некоја рамка поставивме. Сега сме во финални размислувања да видиме колку тоа би изнесувало, дали ќе биде 1,2 или 1,3 милијарди. Ќе видиме точно која ќе биде висината на браната, што се ни е потребно. Кога ќе ја знаеме точната сума, ќе видиме под кои најдобри услови можеме да почнеме со изградба. Би сакале тоа да биде наш проект. Ќе ги видиме сите опции, која е најдобра за граѓаните таа ќе ја избереме – истакна министерката, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот Avant2Go  – модерен систем за целосно електрично споделено возење.

Во однос на когенеративните централи, истакна дека веќе има неколку фирми кои се заинтересирани и кои сакаат да градат две вакви централи.

-Тоа ќе биде сериозна инвестиција, зборуваме за милијарда евра. Ќе видиме, разговараме и дискутираме. Мислам дека во најкус рок ќе имаме повеќе информации, но веќе имаме преговори со неколку фирми – соопшти Божиновска.

Информира и дека Извештајот на МЕПСО ќе се разгледува денеска, веќе е доставен до Регулаторната комисија за енергетика.