Развојот на гасната инфраструктура во земјата, тековните активности и идните чекори беа во фокусот на денешната работна средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама.
Како што соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, посебен акцент на разговорите бил ставен на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, кој се смета за еден од клучните стратешки енергетски проекти во државата. На средбата бил разгледан напредокот на проектот, текот на градежните активности, како и институционалната координација со изведувачите, со цел почитување на утврдените рокови, пренесува МИА.
Дополнително, внимание било посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија. Притоа бил анализиран напредокот во техничките и административните процедури, како и континуираната комуникација со српските партнери. Од двете страни било оценето дека регионалното поврзување преку гасоводната мрежа е од суштинско значење за диверзификација на снабдувањето и зајакнување на енергетската безбедност.
На состанокот се отвориле и прашањата поврзани со долгорочните планови за проширување и унапредување на националната гасоводна мрежа, со цел природниот гас да стане подостапен за индустријата, локалните самоуправи и домаќинствата, како и да се даде поддршка на енергетската транзиција и намалувањето на загадувањето преку користење почисти енергетски извори.
Министерката Божиновска нагласила дека забрзаната реализација на инфраструктурните проекти е од стратешко значење, истакнувајќи дека развојот на гасната мрежа има директно влијание врз економската стабилност, конкурентноста на економијата и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласиле дека силната институционална координација и унапредената регионална соработка се клучни предуслови за успешно позиционирање на државата како стабилен и значаен енергетски центар во регионот.
































