Васил Иљоски

Три децении од смртта на Васил Иљоски, еден од втемелувачите на македонската драмска литература

  • Васил Иљоски е македонски драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар, истакнат педагошки работник и академик. Тој е еден од втемелувачите на македонската драмска литература. Автор е на првото драмско дело на македонски јазик прикажано на сцената на Кралскиот скопски театар меѓу двете светски војни. Тој е еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година, а станува прв член на МАНУ непосредно по нејзиното формирање. Цели пет децении му останува верен на литературното македонско драмско творештво

Денеска се навршуваат 30 години од смртта на Васил Иљоски и ова е соодветна пригода за навраќање кон неговото пребогато драмско книжевно-лингвистичко творештво, но и на неговиот живот, вложен до последниот миг во афирмацијата на нашата македонска национална самобитност.
– Васил Иљоски, еден од втемелувачите на македонската драмска литература, во биографска и творечка смисла претставува мост меѓу незгаснатите искри на македонската преродба и револуционерна борба и првите заложби за македонска државност, остварени преку кодификацијата на македонскиот јазик и неговата слободна употреба во македонската литература – вели проф.д-р Димитар Пандев од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во својот научен труд „Односот на Васил Иљоски кон делото на Марко Цепенков и македонската писмена традиција воопшто“ од 2020 година.
Пред четири века најголемиот драмски автор на Англија, Вилијам Шекспир, во своето творештво го одразуваше јазичното и националното битие на англискиот народ, а нашиот Васил Иљоски во своите битови драми го одразуваше јазичното и националното битие на македонскиот народ. Оттука, со полно право може да се каже дека авторот на „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“ и на другите драмски дела, јазични, книжевни и други есеи е македонскиот Шекспир.
– Особен е неговиот придонес во пренесувањето на колективната меморија од времето на преродбата и револуционерната борба до македонските генерации, родени меѓу двете светски војни – преку неговиот влог во македонското учебникарство – како и во трансформацијата на колективната меморија во неговото книжевно дело по Втората светска војна – дополнува професорот Пандев, осврнувајќи се на придонесот на Иљоски кон македонската писмена традиција.
Писателот и книжевен историчар проф. д-р Васил Тоциновски укажува дека нераскинливата врска со својата земја и народ за Иљоски се основниот и единствен предизвик и за појавата и за вредноста на секое човечко ангажирање и дело.
– Тие извираат од сопствената почва и средина, претставуваат нивен жив и врвен одраз, несоборлив аргумент пред секакви интереси и негирања, тие се и татковински аманет и историски долг – посочува Тоциновски во својата научна статија „Книжевно-историски текстови за македонската литература на Васил Иљоски“.
Но Тоциновски напомнува дека Иљоски оставил во својот повеќедецениски творечки ангажман и не помалку значајни студии, огледи и записи за македонскиот јазик, фолклор, литература и театар, и не само на македонски теми и за македонски автори туку и за оние од други земји, народи и култури.

– Не мал број страници Иљоски ќе испише за значајни, би рекле пресудни настани и процеси, личности и дела од традицијата и континуитетот на македонската литература. Тоа се текстовите за браќата Димитар и Константин Миладинови, Григор Прличев, за Крсте Петков Мисирков и Кочо Рацин. Тој е автор на студиозни и вредносни текстови за фолклорот и јазикот, литературата и театарот. Студиите, записите и разгледите на Иљоски за македонската книжевна историја се, со свој сопствен став и оценка, јасни и недвосмислени аргументи за она што сме биле, што сме и што треба да бидеме – заклучува Тоциновски.
Романописецот, книжевен историчар и театролог Александар Алексиев го нагласува значењето на придонесот што го даде Иљоски за македонскиот јазик и за решавањето на македонското јазично прашање. Во својата научна статија „Творечкиот опус на Васил Иљоски – македонската драма во 20 и 21 век“ поврзано со македонското јазично прашање, кое Иљоски го разработува низ користената драматургија во „Бегалка“, Алексиев пишува: „Изразувајќи го општото расположение, В. Иљоски не само што го изрази и сопственото незадоволство туку ја најави и цврстата решеност да не потклекнува на овој пат. Една од суштинските пројави на ваквото негово определување е и употребата на македонските народни говори. Така Иљоски се најде меѓу тие што во ситуацијата кога беше забранета употребата на македонскиот јазик имаа смелост постепено да го уфрлат македонскиот јазик во сите пори на тогашниот општествен и културен живот, уфрлувајќи го дури и на сцената на Скопскиот театар, чија основна задача беше да ја неутрализира македонската национална свест“.
Во драмата на Васил Иљоски се чувствува богатството на македонската фразеологија, на народните поговорки, на фолклорната мудрост низ многуте афоризми. Битовиот карактер на делата се потврдува особено со структурата на реченицата.
– Иљоски мајсторски ги користи синтаксичко-стилистичките средства на македонскиот јазик. На тој начин авторот постигнува динамичност во изразот и придонесува за засилување на драмскиот ефект – кажа во една пригода починатата професорка од Филолошкиот факултет „Блаже Конески “ од Скопје д-р Ружа Паноска.
Васил Иљоски е македонски драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар, истакнат педагошки работник и академик. Тој е еден од втемелувачите на македонската драмска литература. Автор е на првото драмско дело на македонски јазик прикажано на сцената на Кралскиот скопски театар меѓу двете светски војни. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Долги години работел како професор на Вишата педагошка школа (сегашен Педагошки факултет) во Скопје. Тој е еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година, а станува прв член на МАНУ непосредно по нејзиното формирање. Цели пет децении му останува верен на литературното македонско драмско творештво. Иљоски е роден на 20 декември 1902 година во Крушево, непосредно пред историските настани што ќе ја одбележат епопејата на македонскиот народ. По Илинденското востание 1903 година, барајќи работа и подобри услови за живот, неговиот татко заминува во Куманово. Десетина години подоцна, откако се создадоа услови, целото семејство се преселува во Куманово.

Детството го поминува во столарската работилница на татко му, каде што помага и го изучува занаетот. Иако Васил работи како столар, тој не го продолжува татковиот занает. По завршувањето на основното и средното училиште, љубовта кон книжевноста ќе однесе во Скопје, каде што се запишува на Филозофскиот факултет. Васил Иљоски како член на литературната дружина го привлекува сценскиот збор и уште во гимназиските денови почнува да пишува драмски текстови, а како студент неговите оформени едночинки доживуваат сценска изведба. Драмските текстови ги пишува на македонски, крушевски и кумановски дијалект, прикажувајќи ги притоа колоритноста и посебноста на македонскиот јазик.
Првиот јавен настап го прави со драмскиот текст „По матурата“. Таа била едночинка, која авторот ја поставува со школската дружина. Со оваа претстава членовите на групата гостуваат на неколку места. Првичните успеси го мотивираат Иљовски и наскоро на сцената се појавува со хумористочниот драмски текст „Бура поради електриката“. Претставата во која како и претходно глуми и самиот автор, ги измамува првите локални печатени пофалби.
Иако скромни, првите успеси за авторот претставуваат дополнителен мотив за нови творечки напори. Некаде кон втората половина на триесеттите години, Васил Иљоски започнува да работи на своето посериозно драмско дело насловено „Бежанка“ (подоцна преименувано „Бегалка“). Оваа типично битово-социјална драма во пет чина, во која до израз доаѓаат тенденциите на Иљоски да ги прикаже посебноста и колоритноста на македонскиот јазик, премиерно е прикажана на 16 јуни 1928 година под името „Ленче Кумановче“. Изведена на кумановски дијалект, претставата предизвикува голем интерес кај публиката.

Иако наидува на одличен прием кај публиката, по интервенција на власта, претставата „Ленче Кумановче“ набрзо е симната од репертоарот на Скопскиот театар, а обидот низ драмскиот текст јавно да се промовира македонски јазик, власта го казнува. Младиот професор по книжевност Васил Иљоски ја губи својата служба во гимназијата во Куманово, каде што бил вработен по завршувањето на Филозофскиот факултет како наставник (суплент). Оваа драма повторно е прикажана на сцената на Кралскиот скопски театар дури во сезоната 1936/37 година, кога на сцената е поставена и драмата „Печалбари“ од Антон Панов.
Во овој период, за да ги избегне проблемите со власта, Васил Иљоски пишува на српски јазик. Создава неколку дела меѓу кои: „Нагазио човек“, „Биро за безработни“ и „Ученичка авантура“. Комедијата во три чина „Нагазио човек“, уште позната како „Чорбаџи Теодос“, била премиерно изведена на 23 април 1937 година во превод на скопски дијалект. Иако се наоѓала на репертоарот за сезоната 1939/40, драмата „Биро за безработници“ не била изведена на сцената. Основната причина што оваа драма со социјална тематика била изоставена од репертоарот, бил обидот на авторот да алудира на политичките состојби непријатни за тогашната власт.
По ослободувањето, Васил Иљоски имал раководни функции во просветата. Поставен бил за директор на Првата гимназија, работел во Народната библиотека, а потоа работи и се пензионира како професор во Вишата педагошка академија во Скопје.
Автор е на повеќе драми, статии и студии за јазикот. Негови најпознати драми се: „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“, „Биро за безработници“, „Чест“, „Кузман Капидан“, „Окрвавен камен“ и др. Исто така, тој е автор и на литературно-историски текстови за Кирил и Методиј, Григор Прличев, Крста Петков Мисирков, Коста Рацин, како и на есеи за театарот.
Васил Иљоски бил еден од првите академици на МАНУ и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (13 февруари 1947 година), чиј член останува сѐ до неговата смрт на 1 ноември 1995 година во Скопје.

Свето Тоевски