Фото: Маја Јаневска Илиева

Сообраќајот на граничниот премин „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез од 11 часот. На граничниот премин „Ники“ (Меџитлија), сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси. Сообраќајот се одвива непречено на граничниот премин „Дојран“, покажуваат податоците на Авто-мото сојузот на Македонија до 12 часот денеска.

Од АМСМ попладнево информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.

– Од 15 ноември започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба – потсетуваат од АМСМ, додавајќи дека обврската трае до 15 март.

Во соопштението се додава дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, немало подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.

– Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – се потенцира во денешното соопштение.