Бизнисите нема да се затворат, бидејќи со законот за заштита од пушењето не се забранува пушење цигари. Тие луѓе кои пушат може да пушат во одредени простории, како што се тераси отворени од три страни. Значи кафичите и локалите можат да креираат таков тип инфраструктура, ако им е битно за бизнисот – рече денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Вториот момент, како што појасни, е што даваме субвенции за тутунот, имаме извоз на тутунот.
– Од економска гледна точка не гледаме дека ќе има некаков тип загуби. Здравството и здравствените политики се поврзуваат со здравјето, а здравјето никогаш нема цена. Од другата страна со нездраво население вие дефинитивно одмагате на бизнисот многу повеќе отколку со вакви политики против пушење на цигари во затворени простории. Направена е и таква анализа. Луѓе кои се зависници од таков тип на производи се помалку активни во секојдневната работа во државните и во приватните институции – истакна Алиу, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференција за обезбедување вакцини против Хепатитис Б.
Тој рече дека пред институции, не само во Клиничкиот центар, секаде низ целата држава, пред јавни здравствени установи, но и други јавни институции, училишта, градинки, министерства, нема да биде дозволено да се пуши.
– Клиничкиот центар дефинитивно е голем, има многу институции, но исто така знаете дека има инфраструктура внатре за пиење кафе, таму најверојатно тие бизниси ќе креираат инфраструктура и за пушење на цигари, или ќе направат тераса што ќе биде отворена од трите страни. Впрочем и на крај на денот, ние како надлежна институција, сакаме да направиме закон што ќе ги штитиме сите, ќе го штитиме населението. Верувајте дека имаме многу заболувања кои директно или индиректно се поврзуваат со пушењето – посочи Алиу.
Потенцира дека од утре ќе има состаноци со сите инспекторати за да може да ги информирам за законот и за да видат дали им треба дополнителен човечки капацитет или друг тип инфраструктура, со цел да се следи имплементацијата на законот на терен.
– Јас сум свесен дека законот има добро дефинирани постапки кај може да се пуши кај не смее да се пуши. Но, исто така ќе имаме добро дефинирани правилници што ќе бидат јавно достапни, ќе знаат сите заинтересирани страни кои треба да бидат информирани или имаат дел од бизнисот што е опфатено со овој закон, за да може да се прилагодат или инфраструктурно или внатрешни правилници ако им треба. Сигурен сум дека од 1 март се очекува законот да биде во сила, дека ќе имаме друг тип на инфраструктура надвор од нашиот дом, а тоа значи дека во јавен транспорт, во простории што се заеднички ќе имаме чист воздух и нема да дишеме никотин. Ве уверувам дека нема да дозволам надвор од тие европски политики да креираме некој хибриден закон, бидејќи тогаш од првиот ден законот нема да биде функционален – додаде Алиу.

































