Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов, испрати велигденска честитка што ја пренесуваме во целост
„Не е овде! Воскресна! Еве го местото каде што го положија“ (Марко 16,6)
Со овие едноставни зборови, евангелистот Марко опишува како жените, во раните утрински часови, на првиот ден од седмицата, го откриле празниот гроб. Жените со страв го напуштаат местото, иако требало да знаат дека одамна пророците го објавиле настанот на Исусовото воскресение.
Но, како се случи тоа? Само три дена пред Исусовото воскресение, Петар се одрекол од Него. Три пати рекол дека не го познава човекот кој тврди дека е Месија, Спасител. Петар уште немаше сила да посведочи за Христа. А учениците кои после Исусовата смрт на крстот отидоа од Ерусалим во Емаус, го препознале дури кога го прекршил лебот за да јаде заедно со нив.
Учениците кои речиси три години го следеле Исуса, го слушале и ги гледале чудата што ги правел, не можеле веднаш да поверуваат. Уште еднаш требало да поминат низ школата на верата за да ја примат на крајот силата на Светиот Дух, со што ќе се ослободат од својата плашливост и ќе излезат од своето скривалиште и јавно ќе зборуваат за големите Божји дела. На крајот, ги положија своите животи за верата, а во служба на Радосната вест. Силата што ја примија ги одржуваше и ги поддржуваше, да не се плашат повеќе, туку да можат смело да сведочат за Христос, Спасителот на луѓето, кој умре со страшна смрт на крстот и кој воскресна. По воскресението, прво им се јави на учениците свои, а по четириесет дена се вознесе на небото и седна оддесно на Отецот, од каде пак ќе дојде во слава и ќе им суди на живите и мртвите. Оваа велигденска порака ни е предадена во Евангелијата и оттогаш таа се објавува, пренесува, објаснува и постојано се толкува веќе две илјади години.
Денес веќе не гледаме празен гроб на чија порака би можеле да и веруваме. Разните привлечни туристички аранжмани за велигденските празници ја одредуваат сликата за Велигден. Затоа не е лесно да ги откриеме трагите на воскресението во секојдневниот живот. Но, да се потсетиме дека ни учениците од Емаус не можеа да го препознаат Исуса додека беа со него на пат, затоа што очите им беа замрежила и го сметаа за туѓинец, но нивните срца гореа додека тој им го толкуваше Писмото. Го препознале во кршењето на лебот. Господ нека го разгори и нашето срце кога го читаме и слушаме словото Божјо за да можеме да го препознаеме воскреснатиот Христос на секое евхаристиско славење кога молиме: „Господи, Твојата смрт ја навестуваме, Твоето воскресение го славиме, Твоето славно доаѓање го очекуваме!“
На сите Ви посакувам Честит празник Воскресение Христово – Велигден!
Христос воскресе! Навистина воскресе!