Демонстриравте дека сте посветени на тешкиот реформски процес што е во тек. Сакаме преговорите и пристапувањето да се случат што е можно побргу. Во моментов сте соочени со навистина важна одлука и јас лично сум многу возбуден од можноста Северна Македонија да стане членка на Европската Унија изјави министерот за европски прашања на Ирска, Томас Бирн на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен.
-Јас доаѓам од земја од којашто не ни беше дозволено да зборуваме на ирски јазик долги години и со членството во ЕУ, нашиот јазик доби навистина еден извонреден статус. Сигурен сум дека тоа ќе биде случајот и со македонскиот јазик. Тоа што сакам да кажам е дека нашиот идентитет како нација беше зајакнат со членството и ни даде храброст и сите тие знамиња што се во ЕУ претставуваат земји што се еднакви и тоа е она што ние го вреднуваме во Унијата – истакна Бирн.
Тој порача дека македонскиот јазик и идентитет се заштитени со предлогот, а ќе бидат и зајакнати со членството во Унијата.
-Знаеме дека историските и билатералните прашања не се дел од преговарачката рамка но и од наша ирска перспектива нашите билатерални прашања подобро се решаваат како дел од ЕУ. Постојат и уставни промени што нема да ги спречат почетокот на преговорите, меѓутоа ние како дел од нашиот договор кога станувавме членка моравме да направиме еден навистина тежок компромис – рече ирскиот министер за европски прашања.
Во однос на општествениот и економскиот напредок, тој посочи дека кога Ирска станала дел од европската заедница имале милион вработени, додека според податоците од минатата година, таа бројка денес е 2,5 милиони вработени. Бирн истакна дека претставува извонредна разлика и оти не постои сомнеж дека и Северна Македонија ќе просперира и ќе успее како економски, така и општествено.
На прашањето како би ја оцениле преговарачката рамка, финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен порача дека целосно се почитува македонската култура, јазик и идентитет.
-Преговарачката рамка не треба да има никакви влијанија предизвикани од билатералани прашања или прашања поврзани со историјата и идентитетот, се работи за проширување на ЕУ и преговарачкиот процес и сите тие имаат свои методологии, имаме програма и ги имаме сите инструменти и треба да се започне со самите преговори – вели Тупураинен.
Советот, како што посочи, едногласно донесе одлука дека ќе ги почне преговарачките процеси кога ќе се усвои преговарачката рамка, а според финската министерка тоа ќе се случи многу брзо, бидејќи, како што истакна, Македонците го заслужуваат тоа и заслужуваат ЕУ да го испорача тоа што го има ветено.
Министерот за европски прашања на Ирска порача дека со овој предлог се заштитени македонскиот јазик и идентитет и со ова се оставаат сите билатерални прашања надвор од преговарачката рамка.
-Тоа што ние сакаме да порачаме, ова е вашето време нема подобар предлог што е на располагање и доколку се случи тоа ќе биде причина за прослава бидејќи ќе доведе до напредок на целата земја и граѓаните. Ако не се случи јас нависитина не знам што да кажам, ако се потпише се разбира дека ќе има и компромиси, меѓутоа и со тие компромиси предлогот содржи големи победи и за земјата и за македонскиот народ. Се разбира крајната цел е полноправно членство – порача Бирн.