Откако стана повеќе од јасно дека билатералните проблеми ги обременуваат евроинтегративните процеси, Брисел и Вашингтон со порака
Според аналитичарите, толерирањето на таквите политики се покажа како погубно за ЕУ, но и за НАТО. ЕУ го запре проширувањето, внатрешно се подели, гласањата и за најбанални работи одат тешко, а сето тоа беше резултат на вклучувањето на билатералните прашања во генералната европска политика. Тоа целосно ја блокираше Европа. Таквите преседани се покажаа како погубни и во НАТО, кога поради нерешени билатерални прашања, Алијансата забележа дека самата се става во позиција на тотална нефункционалност. Со неколкуте примери од изминатиов период НАТО сфати што значи кога некој преку Алијансата си решава некакви билатерални спорови…
Наметнувањето билатерални спорови во Европската Унија, наспроти исполнувањето на Копенхашките критериуми, се покажа како целосно погубно за европската надворешна политика, особено во делот на проширувањето, бидејќи политиките на Унијата станаа заложник на желбите на секоја земја членка да си ги задоволи сопствените интереси.
Ваквиот преседан официјален Брисел го започна со Македонија, прифаќајќи билатералниот спор со Грција за името да стане основен критериум за напредок на земјава. Веќе еднаш прифатен преседан станува практика, па тоа го искористи и Бугарија, која наметна билатерален спор да стане дел од преговарачката рамка за земјава.
Сето тоа резултираше со парализа на процесот на проширување цела деценија, со тенденција блокадите да продолжат и во иднина, а решавањето на билатералните спорови, исклучиво во полза на земјите членки, да биде главен услов да се отвораат и затвораат преговарачките поглавја во текот на преговорите за членство.
Овој рецепт се покажа како целосно неуспешен бидејќи повеќето земји кандидати не се подготвени да учат од македонските негативни искуства, дури и по цена да ги прекинат преговорите, оти не сакаат и тие да останат заглавени со билатерални спорови, кои немаат намера да ги решаваат на сопствена штета.
ЕУ ја увиде грешката, НАТО не сака да ја повтори
Токму внесувањето на билатералните спорови во евроинтеграциите се покажа како круцијална грешка од страна на ЕУ, која буквално се парализираше однатре не можејќи да донесе одлука по ниту едно прашање бидејќи секоја земја членка својот глас го условуваше со решавање на некаков свој билатерален проблем. Се блокираа буџетот, надворешната политика, именувањето комесари, како и многу други одлуки важни за нормалното функционирање на Унијата.
Од тие причини Европа започна внатрешен реформски процес со кој сака да спречи во иднина билатералните прашања да стануваат прашања на ЕУ и на тој начин европската заедница дополнително да се оптоварува со ирелевантни теми за неа од типот чиј бил Гоце Делчев, дали македонскиот јазик е нечиј дијалект, кој бил креаторот на македонскиот идентитет и слично, со што се поткопува целосно европскиот кредибилитет.
– Процесот на интеграција во ЕУ треба да се фокусира на усвојувањето на европското законодавство, а билатералните прашања треба да се третираат одделно. Ајде да се фокусираме на заедничка просперитетна европска иднина наместо да остануваме заглавени во минатото – изјави неодамна министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, во интервјуто за грчкиот весник „Та неа“.
Изјавата на шефот на австриската дипломатија не може да се протолкува никако поинаку, освен како враќање на ЕУ кон старите основи, односно кон исполнување на европските критериуми, а сето друго земјите да си го решаваат билатерално и тоа да не го злоупотребуваат со вета и други опструкции.
Неодамна и Пентагон одговори на сличен начин, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави дека на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон ќе го отворел прашањето за почитувањето на Преспанската спогодба од македонска страна.
Главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон, Олтон Бјуланд, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, истакна дека САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа, но и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО.
– Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО, за да се осигури дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион – рече Бјуланд.
Според него, државите од Западен Балкан треба да ги направат потребните реформи за влез во ЕУ, како и дека долгиот процес на интеграција може да доведе Русија и други малигни актери да го искористат незадоволството на народот.
Последните изјави на Шаленберг и на Бјуланд се јасна порака и до Грција и до Бугарија, дека она што е направено досега е направено и дека понатаму билатералните прашања и толкувањата на постигнатите договори Атина и Софија да ги решаваат билатерално со Скопје, без да ги оптоваруваат ЕУ и НАТО, но и без да наметнуваат блокади затоа што не се задоволени одредени нивни барања и позиции.
Билатералните спорови да се решаваат билатерално
Според дел од познавачите на светската геополитика, изјавите за исклучување на билатералните спорови надвор од процесите во ЕУ и НАТО се одвраќање на политиките на уцени и блокади што се практикуваа досега од многу земји членки, како на Унијата така и на НАТО.
– И ЕУ и НАТО увидоа дека кога ќе дозволат билатерален спор да стане мултилатерален, тие имаат проблеми. Конкретно, целата работа почна со преседанот со Македонија уште на почетокот на 90-тите години на минатиот век, преседан што сега стана вообичаена практика при секаков обид на ЕУ, па и на НАТО, да примат нови членки. Брисел со децении ја блокираше Македонија само поради билатерален спор со Грција, кој и онака се решаваше во рамките на ОН и немаше никакви допирни точки со евроинтеграциите. Истиот билатерален спор беше пречка и за приемот во НАТО речиси три децении. Толерирањето на таквите политики се покажа како погубно и за ЕУ, но и за НАТО. ЕУ го запре проширувањето, внатрешно се подели, гласањата и за најбанални работи одат тешко, а сето тоа беше резултат на вклучувањето на билатералните прашања во генералната европска политика. Тоа целосно ја блокираше Европа. Таквите преседани се покажаа како погубни и во НАТО, кога поради нерешени билатерални прашања, Турција го блокираше приемот на Финска и Шведска во НАТО, и тоа во исклучително чувствителен безбедносен момент, во време на активна руско-украинска војна. Што ќе се случеше ако поради билатерален спор, хипотетички, руска војска се стационираше во делови од Финска или Шведска? Тогаш НАТО сфати што значи кога некој преку Алијансата си решава некакви билатерални спорови, загрозувајќи ја безбедноста – велат познавачите на геостратегиските состојби.
Нивното мислење е дека сега и ЕУ и НАТО сакаат да испратат јасна порака дека во иднина нема да дозволат никакво инволвирање на билатералните проблеми во евроатлантските процеси бидејќи тоа може да доведе до распад на овие сојузи.
– Сѐ почна, за жал, со примерите врз Македонија. Еднаш се направи преседан, па потоа тоа стана практика. Но таквата практика води кон распад и на ЕУ, а ако продолжи, ниту Алијансата не ја чека подобра иднина. Франција веќе најавува формирање посебни европски единици надвор од НАТО, некои земји самите склучуваат воени сојузи, така што компактноста на НАТО почнува да се доведува во прашање. Сега и Мицотакис на самитот во НАТО ќе го изнесувал проблемот дали македонскиот премиер кажал северна или не, во услови кога беснее војна во Украина, се војува и на Блискиот Исток. Затоа одговорот од Пентагон до официјална Атина е билатералните прашања околу Преспанската спогодба да си ги решава со Македонија, без повеќе да ја оптоварува Алијансата – посочуваат соговорниците.
Некои од нив сметаат дека се случува нов момент во пристапот и на ЕУ и на НАТО во поглед на билатералните спорови.
– Пораките што доаѓаат се дека мора да си ги средиме домашните состојби, да го усогласиме домашното со европското законодавство, да работиме на градење ефикасна економија, на владеење на правото и борба со корупцијата, но и дека отворените прашања треба да ги решаваме низ разговор. Најважно од сѐ е што сега тој разговор се трга настрана од евроинтеграциите, кои треба да си течат според исполнувањето на зададените критериуми, а другото да се движи паралелно, без оглед колку време и да биде потребно – констатираат соговорниците.