Билатерализацијата на процесот на евроинтеграција не треба да стане правило и земјите членки на Европската Унија мора навреме да ја превенираат – изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова на заедничка прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој е во официјална посета на земјава.
Силјановска-Давкова нагласи дека Македонија останува цврсто посветена на членството во ЕУ и оцени дека напредокот на Црна Гора и Албанија претставува позитивен сигнал за целиот регион на Западен Балкан, пренесува МИА.
Според неа, членството во Унијата се постигнува преку реформи, особено преку владеење на правото, борба против корупцијата и зајакнување на демократските институции, што, како што истакна, е суштински дел од европеизацијата на општеството.
Претседателката предупреди дека внесувањето на идентитетски и историски прашања во процесот на пристапување дополнително го усложнува евроинтеграцискиот пат на земјите кои природно припаѓаат на ЕУ.
Таа оцени дека односите меѓу Македонија и Албанија се одлични, без отворени прашања, и дека постои простор за продлабочување на соработката во повеќе области, додавајќи дека средбата претставува поттик за уште поинтензивна билатерална соработка и заемна поддршка.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај истакна дека односите меѓу двете држави треба да бидат пример за регионот, посочувајќи дека соработката се развива преку образованието, бизнисите, трговијата и туризмот. Тој го издвојува Коридорот 8 како симбол на нова ера на регионална соработка и важен фактор за идната европска безбедност.
Бегај се осврна и на улогата на Албанците во Македонија, нагласувајќи ја важноста од почитување на Охридскиот рамковен договор, како и на правата на Македонците во Албанија, што, според него, претставува силен мост на пријателство меѓу двете земји.

































