Македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител“ попознато како Бигорски манастир се подготвува за одблежување на 7 јули, сечесниот празник на Рождеството на патронот и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован.
-Во среда, на 6 јули, во свештената бигорска обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20.30 часот, а на кое молитвено ќе претстои Неговото преосвештенство, епископот Аморејски г. Никифор, игумен на свештената ставропигијална патријаршиска обител на Владатадите во град Солун – информираше отец Кирил.
Следниот ден, четврток наутро, во 8:45 часот ќе биде пречекан надлежниот владика, неговото Високопреосвештенство митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј.
-Пред почетокот на Светата архијерејска Литургија, во 9 часот, од раката на нашиот Митрополит г. Тимотеј, на нашата голема радост и чест за Бигорската Обител, петмина наши собраќа ќе бидат потстрижани во светиот рамноангелски монашки чин. Ова е за првпат во нашата понова историја одеднаш да бидат замонашени петмина браќа. За време на Божествената Литургија, пак, еден од новозамонашените браќа ќе биде ракоположен во свештеноѓаконски чин – додава отецот.
Славното Бигорско светилиште, додава, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и култура, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ги јакне верата и здравите вредности меѓу народот.
-Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество – посочува отец Кирил.
Нагласува дека светиот Претеча, во денот на своето Рождество е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат, тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен.
И на оваа, како и на манастирската слава отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован, што се одбележува на 11 септември, се очекува големо присиство на верници.