Полското претседавање со ЕУ се случува во сложен геополитички контекст. Проширувањето на ЕУ кон двата правци, и во правец кон Западен Балкан и во правец кон Истокот е процес којшто заемно не зацврстува и нашите намери се целосно во согласност со оние на Советот на ЕУ, рече полскиот амбасадор Мариуш Бримора, изложувајќи ги приоритетите на Полското претседателство со ЕУ, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.
Според Бримора, Полското претседателство е добра можност да се рефлектира иднината на Источното партнерство, иницирано во 2009 година од страна на тогашниот полски министер за надворешни работи Радослав Шикорски и тогашниот шеф на шведската дипломатија Карл Билд.
– Ќе преземеме акција за надградување и оживување на Источното партнерство за да може подобро да се прилагоди на денешните геополитички потреби. Нашите напори бараат да се обезбеди партнерството да биде надополнување на процесот на проширување како силен импакт на проеврпските реформи во овие земји кои што аспирираат или немаат аспирации да станат членки на ЕУ, и со ова се става голем акцент на безбедноста и хирбидните закани – посочи Бримора.
Во однос на Македонија, истакна дека се задоволни од интензитетот на билатерални контакти на лидерите на двете земји.
– Министерот Муртезани веќе двапати беше во Варшава. Работиме и на билатерална средба на двајцата премиери што треба да се случи во следните недели. Продолжуваме со поддршка на Северна Македонија и на други земји од Западен Балкан на патот кон ЕУ преку твининг проектите. Како што кажа Марта Кос, процесот на прошируваање напредуваше многу бавно во текот на минатите години, доволно е да се каже дека во изминатите 12 години само осум поглавја беа затворени со сите кандидати – рече Бримора, цитирајќи ја притоа еврокомесарката Кос која планира да затвори меѓу 100 и 200 преговарачки поглавја со земјите со кои процесот не е блокиран.
Знам дека поддршката за ЕУ опаѓа во земјава и дека според последните анкети е 62 отсто, рече Бримора, но погледнете го примерот на Полска за претприемачкиот дух, 70 отсто од БДП сега го создаваат малите и средните претпријатија.
Во однос на трансатлантските односи, Бримора рече дека еден од столбовите на полската надворешна политика е да се имаат многу добри трансатлантски односи и добар сојузник на САД и истовремено да се гради силна Европа. Според него, во ова нема контрадикција и клучно за ЕУ е а ја одржува соработката и да ги координира своите акции во контекст на подобрување на безбедноста на Европа.
Меѓу приоритетите на Полското претседателство, како што нагласи, е унапредувањето на односите ЕУ-САД во однос на руската агресија врз Украина.
– Во однос на одлуките што беа донесени во последните неколку недели, тоа е главна задача на ЕУ и на полското претседателство. Сакаме постојан и континуиран дијалог со САД за Кина, Пацификот, енергетската политика и новите технологии – рече тој.
Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков посочи дека евроинтеграцискиот процес напоредно со економскиот развој е еден од врвните приоритети на Владата.
– Во таа насока, сакам да потенцирам дека сме посветени на забрзување на реформските процеси, а со тоа и остварување на нашата европска агенда – истакна таа.
Потенцирајќи ја поддршката од Полска во рамки на Полското претседателство со Советот на ЕУ, Трајков истакна дека „добиваме охрабрувачки тонови дека нивната континуирана и гласна поддршка за пристапниот процес на нашата земја и понатаму ќе продолжи“.
Заменик-министерката додаде и дека приоритетите на Полското претседателство се поистоветуваат со нашите приоритети насочени кон обезбедување на мир и просперитет.
– Посветени сме на исполнување на зацртаното во Патоказот за Европската Унија и работиме на негово воедначување со Реформската агенда. Во тој правец, сакам да потенцирам дека веќе е потпишано барањето за исплата на 7 отсто пред-финансирање предвидено со Реформската агенда, чии приоритети ги покриваат областите на зелена транзиција, човечки капитал, развој на бизниси и владеење на правото, но и на инвестиции во енергијата, дигитализацијата, патната и железничката инфраструктура, здравство и образование. Со ревидираната листа од 22 проекти предвидени со Реформската агенда предвидени се инвестиции во износ од 1,3 милијарди евра и потенцијални инвестициски грантови од страна на Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) во износ од 441 милиони евра – рече таа.
Според претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски, важно е повторно да се воспостави трансатлатскиот дијалог бидејќи тој е важен за сите.
– Ако се постави прашањето за кого си, дали си за Америка или за Европа, најдобро е да се одговори дека јас сум за Доналд. Без да се каже презимето, бидејќи Доналд е и претседател на Америка, а Доналд е и премиер на Полска, мислејќи притоа и на американскиот претседател Доналд Трамп, но и на полскиот премиер Доналд Туск – рече Милошоски.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче упати критики до власта велејќи дека Реформската агедна е закопана во место.
– До јуни 2025 година треба да се донесат околу 20-тина закони, а ниту еден од нив не е влезен во собраниска процедура. Тоа се закони најмногу во правосудтсвото, во делот на енергетиката, дигитализацијата и еден закон во областа на културата. Ние може да очекуваме поддршка и треба да очекуваме поддршка и таа поддршка ја добиваме од земјите кои се наши партнери, меѓутоа на крај од денот, најмногу останува на нас што ние тука ќе сработиме дома за да го унапредиме нашиот систем – рече Филипче.
Според него, гласањето воздржано за двете резолуции во Генералното Собрание на ОН било голема стратешка грешка на Владата.
– Сметам дека тоа е недозволиво и дека министерот за надворешни работи треба да одговори што тоа значи, каков сигнал праќаме кон светот, не само кон Европа, и да каже што значеше коментарот на унгарскиот премиер Виктор Орбан минатата недела дека некаква утешна награда за членство во ЕУ треба да биде некакво партнерство со Србија и да искоментира зашто Владата немаше коментар на тоа во Будмпишета – рече Филипче.