Штип
Советниците во Советот на Општина Штип ја изгласаа предлог-одлуката за поставување 146 надзорни камери на 54 различни локации низ територијата на Општина Штип. Оваа мерка е дел од поголемиот проект наречен „Безбеден град“, кој има цел да ја зголеми безбедноста на граѓаните и да се намали криминалот во различни делови на градот.
– Камерите ќе бидат поставени на стратешки избрани локации, како што се училишта, детски градинки, паркови, пешачки зони, јавни игралишта и клучни сообраќајници. Во согласност со проектот, најголем дел од камерите ќе бидат поставени на места со висок ризик од дејствување на неовластени лица, што ќе овозможи поголема контрола и превенција на потенцијални криминални активности. Во оваа иницијатива, централната база за видеонадзор ќе биде лоцирана во просториите на Општина Штип, додека податоците ќе се споделуваат и со СВР-Штип, за да се осигури дека полицијата има постојан и лесен пристап до снимките за потребите на истражни процеси – велат од општината.
Проектот предвидува поставување различни типови камери, со оглед на нивната спецификација и намената. Според податоците објавени од општината, 136 камери ќе бидат со една техничка спецификација, која ќе овозможи висококвалитетен и јасен видеонадзор, додека другите 10 камери ќе бидат со посебни технички карактеристики, кои ќе ги задоволат потребите на најкритичните локации, како што се главните влезови во градот и важни институции.
Според секретарката на Општина Штип, Вишна Шорова Ангелова, поставувањето камери ќе има двојна цел – обезбедување на јавните површини и објекти, како и заштита на граѓаните од потенцијални закани.
– Целта на оваа иницијатива е да ги заштитиме сите овие важни површини и објекти, но исто така и да го зголемиме нивото на безбедност за нашите граѓани. Камерите ќе бидат важен алат за навремена реакција на безбедносните служби и за превенција на кривични дела – вели Шорова Ангелова.