Фото: Принтскрин

Бараме итно вработување на медицинските лица кои со години работат без здравствено и пензиско осигурување, изјави денеска на прес-конференција, Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“.

Бешлиовска информираше дека Унијата имала реакции од медицински сестри од целата држава, на кои им биле прекинати договорите за работа на дело. Не им било кажано да не доаѓаат на работа, ќе продолжеле, но, финансиска согласност за јануарската исплата, немало. Говорејќи за слабостите, таа подвлече дека имало примери кога на медицински сестри со високо образование им се забранувало да одат во смени, зашто ќе земеле големи плати со дежурствата.

Бешлиовска апелираше ова конечно системски да биде решено, да нема вработувања со договор на дело, ами редовни вработувања, со оглед на тоа што има дефицит кога е во прашање оваа професија, има одлив на кадри. Притоа, Бешлиовска рече дека некои од медицинските сестри работеле и по повеќе години без здравствено и пензиско осигурување, па биле приморани да бараат работа по бутици и слично.

– Ова е нешто што се провлекува години наназад, системот ги натрупува овие медицински сестри. И минатата година во јуни имавме вакви отпуштања – додаде Бешлиовска.

Изминатиот период, реагирале на слабостите на ангажирање со договор на дело и се загалале за редовно вработување. Но, како што беше кажано, се примале луѓе однадвор, наместо тие кои дотогаш работеле со договор на дело.

Бешлиовска изрази надеж дека ваквите проблеми ќе се надминат.

– Фрапантни се фактите што речиси оставаат без зборови, станува збор за висококвалитетни и стручно-обучени медицински сестри и техничари, кои зад себе имаат и по шест и седум години работно искуство во статус договор на дело, а сѐ до денес биле составен дел од здравствените установи, Општите болници во Прилеп, Битола, Кавадарци, Куманово. Овие колеги, наместо признание и решавање на нивниот статус, остануваат изневерени од здравствените власти, законските недоречености, недомаќинското работење, немањето слух за натрупаните проблеми, како и лицемерните и популистички флоскули и политички додворувања, особено во време на пандемијата со коронавирусот – смета Бешлиовска.

Таа нагласи дека реагираат по којзнае кој пат и апелираат да се надминат проблемите со што се соочуваат медицинските лица.

– Реагираме по којзнае кој пат и апелираме да се престане со поразителната поделба на медицинските сестри и техничари според политичката реторика и опција, поделбите од типот на средни и високи, полова и возрасна поделба, но и тотално неразумната поделба по национална или етничка припадност. Затоа што во нашата професија единствениот фактор што го определува квалитетот се професионализмот и емпатијата. Ништо повеќе и ништо помалку. Ако според сите извештаи, анализи, препораки и параметри, на Македонија ѝ недостасуваат речиси 50 отсто од сегашно-ангажираните медицински сестри и техничари, тогаш и денешните и сите досегашни раскинувања на договори, во најмала рака, изгледаат несериозни, неетички и нехумани. Тие, како такви, треба да бидат поединечно образложени и поткрепени со факти – смета Бешлиовска.

Таа рече дека нивната работа е една од најважните алки во комплетниот здравствен систем и запоставувањето на нејзината вредност, „неминовно ќе доведе до катастрофални последици во здравствениот систем, лош имиџ на земјата пред светот, но и најважно од сѐ – намалување на вредноста на пациентите и значително поскапување на здравствената нега“.

– Стресот и одговорноста во нашата професија се постојани, а дополнителните стресови и долгогодишни нерешени и запоставени проблеми, какви што се законски нерегулираната професија, условите за работа, неприфатените дипломи, слабата финансиска ревалоризација на трудот и така натаму, дополнително ги зголемуваат огорченоста и одливот на овој високо стручен кадар во западноевропските земји. Затоа, апелираме и предупредуваме дека конечно е време за неодложно, сериозно и системско решавање на императивните проблеми во професијата медицинска сестра и медицински техничар, во интерес на сите граѓани на земјата – нагласи Бешлиовска.

Таа се осврна и на нивните барања.

– Итно вработување на лицата кои имаат повеќегодишни стажови во здравствените установи, затоа што тие веќе ја покажале и докажале својата неопходност за болниците и пациентите. Да не се нарушува достоинството на нашата хумана професија со произволни и непоткрепени изговори и изјави од кого било. Како Унија со најбројно членство на медицински сестри и техничари во земјава, бараме да бидеме вклучени во сите инстанци и на сите нивоа каде се носат какви било одлуки за медицинските сестри и медицинските техничари. Оваа професија се одбира и се работи затоа што се сакаат животот и добробитта на пациентите. Ако нацијата е богатство на државата, тогаш медицинските сестри се богатство на нацијата. Време е решавањата да бидат системски и систематски во интерес на сите – рече Бешлиовска.