Фото: Демирхисарска летна школа

Свечено отворање на седмата Демирхисарско-слепченска летна школа

Школата традиционално ја предводи познатиот македонски и балкански византолог, проф. д-р Сашо Цветковски, научен советник во ЦИКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ и дописен член на МАНУ, како и познати универзитетски професори од државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје – проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, проф. д-р Елизабета Касапова, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, проф. д-р Виктор Недески и проф. д-р Тони Филиповски од Институтот за историја

Во манастирот „Св. Јован Претеча“ – Слепче, Демир Хисар, свечено беше отворена седмата Демирхисарско-слепченска летна школа, што симболично се совпадна со христијанскиот празник, раѓањето на Свети Јован Претеча – Иванден. Демирхисарската летна школа е едукативно-научна и културна манифестација што е насочена кон промовирање, истражување, проучување и афирмирање на македонското културно наследство, историја, археологија, архитектура и уметност, преку активности со студенти, додипломци и постдипломци од Македонија, но и од странство.

Шест години школата ги демонстрира своите и македонски високи вредности

По завршувањето на светата архијерејска литургија, а по повод големиот православен празник Рождество на чесниот славен пророк, претеча и крстител господов Јован – Иванден, во конаците на манастирот „Св. Јован Претеча“ – Слепче, со пригодна свеченост беше одбележан почетокот на седмата Демирхисарска летна школа. На свеченоста присуствуваа игуменот отец Серафим, свештеникот Тони Смутковски, сестринството на манастирот, градоначалникот Никола Најдовски и дел од членовите на Советот на општината и раководители на општински јавни установи и претпријатија, Научниот раководител проф. д-р Сашо Цветковски, универзитетските професори проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, проф. д-р Виктор Лилчиќ, проф. д-р Виктор Недески и проф. д-р Тони Филипоски, студентите учесници и други гости – пријатели и соработници на манастирот.
– Концепцијата на школата не ја менуваме. Низ изминативе шест години, школата ги покажа и докажа своите високи вредности. Концепцијата се потврдуваше на многу начини, така што оваа седма година настапуваме со познатите секции: историја, археологија, историја на уметност и теологија – рече во своето поздравно обраќање научниот раководител проф. д-р Сашо Цветковски.

Фото: Демирхисарска летна школа

Во името на граѓаните на Општина Демир Хисар, со пригодно обраќање, учесниците на школата и преостанатите присутни на свеченоста ги поздрави градоначалникот Никола Најдовски.
– На овој убав ден Иванден, сакам да ви посакам топло и срдечно добредојде во манастирот „Св. Јован Претеча“, односно во Општина Демир Хисар, на седмата Демирхисарска летна школа. Многу се радувам што на школата учествуваат голем број ентузијасти, пред сè универзитетски професори и студенти, кои преку школата ќе придонесат и за поширока афирмација на манастирот и општината и нејзиното непроценливо културно наследство – рече градоначалникот Најдовски.
На крајот од церемонијалниот дел на свеченото отворање, во својство на домаќин и коорганизатор на школата, говореше и игуменот отец Серафим.

Фото: Демирхисарска летна школа

– Ова е пригода да им се оддаде благодарност и признание на сите градоначалници што изминативе седум години, во рамките на своите можности, наоѓаа сила и разбирање, бидејќи за вакви настани најмногу од сè треба да се има разбирање – што значи школа, што значи едукација, што значи тука да дојдат еминентни предавачи, истражувачи и нивните најдобри студенти – рече во своето обраќање игуменот отец Серафим.

Работниот дел од школата започна во вторникот со таканаречена Научноистражувачка работилница во движење. Професорите и студентите организирано ги посетија Зашле, Брезово, Железнец и Велмевци.

Фото: Демирхисарска летна школа

Акцент на теренските научно-едукативни работилници

Студентите од секцијата по Историја заедно со другите секции од Археологија, Историја на уметност и Теологија започнаа со теренските научно-едукативни работилници.

Зашле – Посета на црквата „Св. Илија“, чии фрески биле обновени во 1888 година. Учесниците имаа можност одблиску да се запознаат со стопанските услови што ги нуди планинскиот релјеф на селото.

Фото: Демирхисарска летна школа

Брезово – Посета на одбранбената кула на познатиот македонски војвода Јордан Пиперката, каде што по тој повод проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев одржа краток историски час. Следуваше топол пречек во домот на хуманистот, сликар и кандидат за Нобелова награда за мир – Живко Поповски–Цветин. Тој подготви приватна изложба во својот двор и подароци за учесниците. На излезот од селото Брезово, запревме кај малата црква „Св. Илија“, која е типичен пример за начинот на градење цркви во длабокиот османлиски период. Во непосредна близина се наоѓаат и мали варници каде што беше објаснет начинот на подготовка на вар во минатото.

Фото: Демирхисарска летна школа

Железнец – Посета на црквата „Пресвета Богородица“, при што проф. д-р Виктор Лилчиќ одржа предавање за средновековниот град Сидерокастрон (Градиште, Железнец).

Велмевци – Посета на црквата „Св. Пророк Илија“. Во прилог на специфичните фрески во самата црква, предавање одржа проф. д-р Сашо Цветковски.

Фото: Демирхисарска летна школа

Студентите следеа предавања на проф. д-р Сашо Цветковски

Студентите од секциите Историја, Археологија, Историја на уметност и Теологија ги следеа предавањата од проф. д-р Сашо Цветковски и проф. д-р Виктор Недески.
Првото предавање го одржа проф. д-р Сашо Цветковски на темата: „Портретите на Свети Еразмо Охридски во уметноста на Охридската архиепископија“, а студентите имаа можност да видат иконографски претстави од Свети Еразмо Охридски од 13 до 19 век. Второто предавање го одржа проф. д-р Виктор Недески на темата: „Новомаченичката традиција на Охридската архиепископија“. Присутните имаа можност да се запознаат со најважните извори за новомачеништвото и со најкарактеристичните новомаченици од нашите простори.

Фото: Демирхисарска летна школа

На предавањата присуствуваа неговото високопреосвештенство крушевско-демирхисарски митрополитот г. Јован и градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски.

Фото: Демирхисарска летна школа

Фото: Демирхисарска летна школа
Фото: Демирхисарска летна школа

Во селото Смилево

Поклонение пред моштите на Даме Груев и вечната кауза за македонизмот

Секцијата по Историја го посети Смилево – родното село на еден од најзначајните македонски револуционери, Даме Груев. Направена беше кратка обиколка низ селото, а во дворот на селската црква „Св. Ѓорѓи“ се наоѓаа гробовите на некои од позначајните смилевчани што учествувале во Илинденското востание. Попатно, се разбира, учесниците запреа покрај споменикот под кој се сместени моштите од Даме Груев. Следуваше топол прием од членовите на Здружението на граѓани за заштита на ликот и делото на Дамјан Груев – Битола во Меморијалниот музеј – Смилево. Во просториите на музејот, презентации одржаа студентите Георги Симјановски и Виктор Анѓелкоски во врска со Смилевскиот конгрес и востаничките дејства во Демирхисарскиот реон, соодветно. Најпосле, престојот во Смилево беше заокружен во меморијалниот парк „Дамјан Груев“ и во блискиот ресторан „Костенче“.

Селекцијата по Историја присуствуваше и на предавањата од визитинг-предавачот проф. д-р Тони Филипоски на темата „Етничката атрибуција на Самуиловата држава“, како и од раководителот на секцијата по Археологија, проф д-р Виктор Лилчиќ, на темата „Девриоп, Александар и македонските кралеви“. Д.Ст.


Посета на храмот „Свети Спас“ во селото Мренога

Учесниците од Tеолошката секција, заедно со учесниците од секцијата за Историја на уметност, ги посетија селата Сопотница и Мренога. Во Сопотница имаа можност да го посетат храмот „Свети Никола“, во кој извршија преглед на движното и недвижно културно наследство. Посебно внимание во фрескоживописот на овој храм привлекуваат портретите на светите браќа Кирил и Методиј, нивниот ученик Свети Наум, како и портретот на новомаченикот Свети Ѓорѓи Јанкински. Потоа, го посетија храмот „Свети Спас“ во селото Мренога, кој им остави посебен впечаток на учесниците со својот уникатен живопис, особено во западниот дел на храмот, како и присуството на портретот на Свети Ахил Лариски во олтарниот дел.

Учесниците ја воочија и неопходноста од потребата за санација на овој живопис и воопшто неопходноста од конзерваторски интервенции во храмот. На крајот, учесниците од двете секции го посетија Топличкиот манастир, кој е најмаркантен по својот живопис во Демирхисарскиот Регион. Д.Ст.


На Мечкин Камен

На третиот работен ден, секцијата по Историја беше во Крушево – најсимболичниот центар за време на Илинденското востание, каде што била создадена привремена востаничка влада, попозната како Крушевска Република. Учесниците се искачија на Мечкин Камен и таму беа пречекани од крушевскиот историчар д-р Зоран Богески, кустос во НУ Историски музеј – Крушево. Тој одржа интересен и интерактивен историски час за битката кај Мечкин Камен.

Наедно, беше обрнато и внимание на разликите меѓу митот и реалноста во врска со битката. По Мечкин Камен, секцијата го посети и стратегиското место Слива. Покрај тамошниот споменик беше одржано предавање од страна на студентите за битката кај Слива како највпечатлив симбол на свесна саможртва за исполнување на наредбата од Крушевското горско началство за извлекување и спасување на востаничките сили и цивилното население од опколеното Крушево при задушувањето на Крушевската Република. Од Слива, поставена на 1.500 метри надморска висина, можеше добро да се забележи теренот низ кој настапувал османлискиот аскер при опколувањето на градот.

Во попладневните часови учесниците присуствуваа на предавањата од проф. д-р Виктор Недески на темата „Новомаченичката традиција на Охридската архиепископија“, како и од проф. д-р Сашо Цветковски на темата „Портретите на Св. Еразмо во уметноста на Охридската архиепископија“. Д.Ст.