Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека очекува големо мнозинство од пратениците во Собранието да ја поддржат најавената реогранизација на Министерството за економија.
– Јас сум убеден дека не само две третини, туку 120 пратеници треба да гласаат за вакви законски решенија кои се носат преку дебата со сите засегнати страни, со надворешни и внатрешни експерти. Ако во случај одредена политичка партија одлучи да не се прави ваква реформа и ние да се вратиме назад, а не да одиме напред, тоа е нивна одговорност. Иако јас не верувам дека во нашето Собрание, освен можеби една политичка партија, Левица на пример, другите се против реформите – истакна вечерва министерот за економија Крешник Бектеши при гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Министерството за економија во моментот е институција која покрива 14 сектори и има осум агенции. До 1 јули во 2023 година ќе треба да се реорганизира во пет директорати, четири агенции да се спојат во две, два инспектората во еден и да има унифициран економски регулатор.
Бектеши посочи дека Министерството за економија е едно од трите министерства кои доброволно се пријавиле за учество во пилот проектот за реформи на јавната администрација што е финансиран од Европската Унија. Останатите две се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за информатичко општество и администрација.
– Не може во една институција со 14 сектори, се да потпише министерот. Прво, не може да постигне да потпише стотина лиценци, документи, известувања, одлуки, мислења. Значи треба да се делегира и одговорноста и работата на директоратите, на стручните лица кои таа работа ќе ја завршат согласно законските одредби, законските акти, правилници и регулативите кои произлегуваат законите за кои е надлежно едно министерство – нагласи министерот за економија.
Тој појасни дека целта на проектот е да имаме поквалитетни јавни услуги, со помалку трошоци и воедно да се зголеми степенот на професионалност на државната администрација, да има подобри услуги и за граѓаните и за бизнис секторот.
– Во Министерството за економија сум кажал и ќе повторам дека треба да се направи ваква реорганизација – заклучи Бектеши.