Машко бебе кое пред десетина дена се родило во прилепската болница, починало од сепса на Детската клиника, објави Тв Сител.
Како што објави телевизијата, мајката на детето на социјалнтие мрежи го обелоденила случајот за смртта на нејзиното трето дете. Таа тврди дека вината за смртта на нејзиното бебе се лекарите во прилепската болница.
Мајката на починатото новороденче вели дека се родила здраво машко дете на 27 октомври, а дека два дена по пораѓањето, лекарите во прилепската болница и кажале дека новороденчето треба да се зрачи поради жолтица. Овој процес траел цела ноќ, а детето потоа било препратено на лекување на Детската клиника во Скопје со објаснување дека таму имаат подобра опрема за лекување жолтица.
„Што се случуваше таа вечер, ќе остане секогаш мистерија. Што правеле сестрите кои биле оставени без доктор во цел оддел. Во 5:30 наутро дошла докторката која кога видела што се случува со бебето почнала да им вика, што направиле со него. Му направила уште една кривна слика која сега ми кажува дека ‘беше супер’ и дека немало никакви знаци на инфекција“ , пишува мајката.
Мајката на починатото дете ја обвинува прилепската болница за негрижа и лоша хигиена во родилиштето.
Од Детската клиника за Сител рекле дека новороденчето било донесено во тешка состојба, на кислородна поддршка, а кратко потоа состојбата се влошила. Во меѓувреме, откажале бубрезите на новороденчето, па седум дена од приемот на скопската клиника, тоа починало. Сите анализи, велат од Клиниката, укажувале на рана сепса која била добиена во текот на пораѓањето.
Директорката на Детската клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ, за МИА изјави дека новороденчето било згрижено на Единицата за интензивна терапија, првично со неинвазивна поддршка на респирацијата, а потоа поставено на механичка вентилација.
Детето е поставено на двојна антибиотска терапија, соодветна поддршка, односно корекција на нарушувањата, меѓутоа она што откажува и бубрежната функција, седмиот ден завршува лошо. Според клиничките и биохемиските параметри, се работи за рана неонатална сепса, што се појавива првите четири дена и, најчесто, инфекцијата настанува при самото раѓање. Дали е предвремено прснат воденик, дали е од родилните патишта, тука може да се шпекулира… немаме такви податоци. Меѓутоа, кога е донесено на Клиниката, веќе има јасни клинички биохемиски знаци за рана неонатална сепса- истакна директорката на Детската клиника.
Од прилепската болница го потврдија развојот на настаните како што го опишала и мајката, но додадоа дека жената претходно имала вагинална инфекција.
– Поради анамнестички податок за инфекција со Мукоплазма кај мајката и вагинална инфекција, земена е крвна слика и истата е со уреден наод – тврдат од прилепската болница.