Повод: Протести за поддршка, како почеток на крајот на неуставниот Закон за јазиците и другите закони и подзаконски акти спротивни на уставниот поредок
- Во македонскиот политичкоправен простор веќе подолго време тлее едно суштинско прашање. Дали државата ќе продолжи да живее со наследените контроверзни правни решенија или конечно ќе влезе во фаза на нивна темелна ревизија за да ги стави во рамките на уставноправниот поредок?
Практиката на склучување меѓународни договори спротивни на Уставот треба да е веќе минато, но истото тоа отвора нова, ама далеку посложена дилема. Имено, што да се прави со оние внатрешни правни акти што и понатаму произведуваат правни и политички последици? За потсетување, во внатрешниот правен поредок егзистираат закони што не само што се спорни по содржина туку се донесени и со процедури што, по сите основи (и содржински и формални и процедурални), отвораат сериозни уставни дилеми. Овие „рецидиви“ не се само технички недостатоци. Тие се симптом на подлабок проблем, кој покажува како долго време во Македонија функционирале институциите и каква штета е направена врз државата и нацијата
Деновиве, поради протести во јавноста, посебно внимание привлече Законот за употреба на јазиците. Тој закон е флагрантен пример за акт што ја преминува границата на уставно дозволеното. Правните експерти тврдат дека со него не само што се нарушува правниот поредок туку и се прави обид за суптилно редефинирање на унитарниот карактер на државата, со јазикот како – алатка. Протестите за поддршката на тој закон повторно разбудија контрареакции, со кои се бара ревизија на ваквите закони, заради нивно де јуре и де факто ставање во рамките на уставноправниот поредок. И тоа не е само политички став туку претставува и барање за враќање на принципот на уставност и законитост како темел на државата.
– Ако институциите навистина се зајакнат и дејствуваат независно, тогаш тие мора да покажат капацитет да ги преиспитаат спорните одлуки, без разлика на нивното политичко потекло – велат нашите соговорници, професори по Уставно право.
Што ако противправните акти не се стават во рамките на уставноправниот поредок?
Со протестите и со инсистирањето дека ваквите закони треба да останат непроменети, постои ризик од продлабочување на правната несигурност. Во таков амбиент, правото престанува да биде стабилен „систем на правила“, а се претвора во инструмент на моменталната политичка волја на политичките/партиските или други влијателни параинституционални чинители.
Тоа води кон ерозија на довербата во институциите, што е процес што веќе долго време ја поткопува функционалноста на државата.
Затоа, следниот период ќе биде клучен. Македонија треба да избере пат на правна консолидација за да не остане заглавена во сопствените противречности. Одговорот не зависи само од политичките елити туку и од јавниот дискурс и зрелоста на општеството да препознае дека владеењето на правото не е декларативна, туку суштинска вредност.
Ревизијата не значи рушење. Напротив, таа е неопходен чекор за зацврстување на темелите. Без тоа, секоја иднина ќе се гради врз нестабилна конструкција, а секој повик за стабилност ќе остане празна реторика. Н.М.
Мицкоски: Барањата на студентите се едно, а Уставот и меѓународните стандарди друго
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги барањата на студентите за полагање на правосудниот испит и на албански јазик, вели дека барањата се едно, а Уставот и меѓународните стандарди се нешто сосема друго.
– Факт е дека Законот за употреба на јазиците е предизвикан пред Уставниот суд токму во оној дел на правосудството и владеењето на правото. Факт е дека имаме негативно мислење од Венецијанската комисија во однос на двојазичноста во правосудството, бидејќи прво немаме доволно ресурси за тоа да го имплементираме, а второ не се гарантира владеењето на правото. Затоа тие силно препорачуваат да се вратиме на Законот за јазици од 2008 или 2009 година – истакна Мицкоски.
Тој посочи дека е формирана комисија составена од уставни експерти што треба да најдат решение во однос на ова прашање, кое истовремено ќе биде уставно и во согласност со меѓународните стандарди. Н.М.
































