Под мотото „Задоцнета реакција“ денеска во Кочани се одржа вториот протестен марш што го организираа семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Симболично, учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути и искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.
Во тишина и молк колоната од неколку стотини граѓани помина во Трговскиот центар кратко задржувајќи се пред кафе барот чиј сопственик ја имаше и дискотеката, а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат.
Со едноминутен молк пред Полициската станица граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.
-Бараме отчет за сработеното – беше единствената гласна порака што ја извикуваа пред Обвинителството, а истата беше испишана и на еден од транспарентите.
Граѓаните на маршот истакнаа транспаренти со натписи „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективна правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“ и слично. Потоа се вратија на почетното место во Паркот и најавија дека ваквите протести ќе продолжат сѐ додека не се откријат и казнат виновниците за трагичниот настан.