Национализмот – политичка идеологија во чие средиште се наоѓа нацијата, е противречна идеологија, што „може да води директно до гасните комори, …, но може да ги спаси загрозените култури и јазици“. Овие зборови на Тери Иглтон верно ја
опишуваат денешнава состојба на Македонија: македонскиот национализам се обидува да ги спаси македонската култура, јазик и историја, додека, пак, национализмите на некои наши соседи, отелотворени во нивната официјална државна политика, ги водат Македонците директно во духовни „гасни“ комори – во нивен идентитетски геноцид
„Англискиот национализам е изграден на лага: Капитализмот не се грижи за вашиот идентитет“ е наслов на еден неодамнешен – од август годинава, есеј на англискиот филозоф, книжевен теоретичар и критичар Тери Иглтон (Terry Eagleton) – професор на Универзитетот во Оксфорд до 2001 година, потоа професор на Универзитетот во Манчестер, а денес – на 81-годишна возраст, професор на Универзитетот Ланкастер. Тврдењето: „сите национализми се изградени на лага“, според моето мислење, е точно, но тоа преставува академска флоскула, ако Македонија не се соочи со последиците на балканските национализми, меѓутоа и со фактот дека поддржувањето на македонството, веднаш, се прогласува за екстремен национализам, додека, пак, владеењето на правото и почитувањето на правните акти во Македонија се етикетираат за фобија.
Пред да предложам конкретни решенија за денешниве предизвици, ќе се задржам на поимите „народ“ и „нација“. Во документите на Обединетите нации се среќаваат поимите народи (peoples) и нации (nations), меѓутоа во документите не се дефинираат овие колективи, оттука, понекогаш, се чини дека тие се синоними, но, понекогаш, се заклучува дека всушност постои имплицитна разлика помеѓу овие колективи. Ќе наведам два примера: „Ние, народите од Обединетите нации одлучивме… (за) рамноправноста… на сите нации, големи или мали“ (Повелба на ОН) и „Бидејќи е важно да се поттикнува развојот на пријателските односи меѓу нациите…. народите на Обединетите нации… ја потврдија својата вера во основните права на човекот…“ (Универзалната декларација за човековите права). Од политичка гледна точка, воздржаноста да се дефинираат термините народ и нација може лесно да се објасни: нивното дефинирање може да легитимира различни сецесионистички групи, оттука земајќи предвид дека политичкото самоопределување на народите (чл. 1) и територијалниот интегритет на државите (чл. 2) се кодифицирани како права во Повелбата на ОН, термините народ и нација остануваат недефинирани, што, пак, се манифестира со голем број манипулации и неправди во меѓународните односи.
Академската заедница, меѓутоа, спротивно на меѓународното право, прави обиди да ги дефинира овие поими, особено тоа се однесува на терминот нација. Термините народ и нација се разликуваат, колоквијално зборувајќи, врз основа на примарниот извор на колективната самоидентификација: народ се користи за колектив што пред сè се одржува врз основа на заеднички културен идентитет, додека, пак, нација подразбира дека примарен извор на самоидентификацијата е заедничка политичка цел. Појавата на политичките заедници е резултат на потребата поединците да живеат во интегрирани општества, да се заштитат од надворешни закани и да се спречат внатрешните конфликти. До раниот модерен период, управувањето со политичките субјекти е тесно поврзано со религиозниот поредок, па така, дури и тогаш кога постои раздвојување помеѓу духовната и секуларната моќ (на пример, црквата и монархот), во една или друга форма, легитимноста на секуларната моќ подразбира нејзиното прифаќање од религиозната моќ. Оваа парадигма се смени во Европа помеѓу 17 и 18 век – резултат на потребата владејачките аристократски династии да го легализираат својот суверенитет надвор од религиозните закони. Подемот на нациите-држави се совпадна со последната фаза на европскиот империјализам (околу 1880-1918), од една страна, и потребата политичката заедница (националната држава) да јакне, што подразбира националната кохезија на нејзините граѓани, од друга страна, предизвика нацијата-држава постепено да се трансформира во агресивна, нетолерантна (и на домашно и на меѓународно ниво), високо милитаризирана политичка заедница. Така, иако во осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век голем број европски земји и САД покажаа знаци на напредок во нивните внатрешни политики и во нивните меѓусебни надворешни односи, нивниот третман кон другите земји, општества и народи (вклучувајќи го и македонскиот народ) не го следеше тој тренд.
Иако првичната идеја за национален идентитет не содржи културни референтни точки, туку нацијата е „заедница на еднакви граѓани… обединети во патриотска приврзаност кон заеднички збир на политички практики и вредности“, потребата за политичка стабилност, во многу држави, предизвика да се зголеми притисокот за општествено-културната хомогеност на населението. Ваквиот пристап, можеби, најдобро ја опишува типологијата воведена од Фридрих Мајнек (Friedrich Meinecke): тој прави разлика помеѓу културните и политичките нации (Kulturnation и Staatsnation). Според Вил Кимлика (Will Kymlicka), сите нации се засноваат на споделена културна припадност, која дополнително се институционализира преку заеднички јазик и заеднички обичаи, оттука, политичките и културните форми на национализмот не се разликуваат освен по интензитетот и содржината на културата што се промовира.
Национализмот – политичка идеологија во чие средиште се наоѓа нацијата, е противречна идеологија, што „може да води директно до гасните комори, …, но може да ги спаси загрозените култури и јазици“. Овие зборови на Тери Иглтон верно ја опишуваат денешнава состојба на Македонија: македонскиот национализам се обидува да ги спаси македонската култура, јазик и историја, додека, пак, национализмите на некои наши соседи, отелотворени во нивната официјална државна политика, ги водат Македонците директно во духовни „гасни“ комори – во нивен идентитетски геноцид. Впрочем, истребувањето на Македонците е нескриен и траен приоритет на Софија и на Атина, што тие го имплементираат користејќи неколку карактеристики: (1) присвојување на историјата, културата, традицијата, територијата на Македонците, при што се негира правото на Македонците за самоидентификација; (2) систематско негирање на идентитетот на Македонците, а со тоа и на нивното право да имаат своја историја, територија, држава, црква; (3) манипулација со автохтоноста за да се легитимираат експанзионистичките цели и политики; (4) религиска, етничка и јазична конверзија на Македонците, со цел да се направи ревизија на историјата на Македонците, па, последователно, и ревизија на актуелните државните структури и граници.
Според Тери Иглтон, „капитализмот не се грижи за вашиот идентитет“, меѓутоа не само капитализмот, никој не се грижи за македонскиот идентитет, особено не се грижат нашите соседи и нашите стратегиски партнери. Тргнувајќи од тоа дека: (1) македонскиот идентитет е слоевит и кумулативен: него го сочинуваат словенското културно и јазично битие и впишани во него кодот на македонската античка цивилизација и кодовите на империите во коишто, во подолг временски период, живеат Македонците: римската, источната римска или византиската и отоманската цивилизација; (2) големата македонска античка империја во своите граници вклучува мноштво народи и култури, оттука сите имаат право да се сеќаваат на неа и да се повикуваат на неа – барем во „замислената заедница“; и (3) при формирањето на националните држави на Балканот и воспоставањето на нивните уставни начела, соседните балкански народи го одбија македонскиот идентитет како несоодветен, тогаш се чини дека решението на македонското прашање е на дофат.
Како понатаму? Веднаш помислувам на текстот на Давид Албахари „Моќта на поговорките“: „Моите родители често повторуваа: ‘Уздај се у се и у своје кљусе’ (Имај верба во себе и својот коњ)“. Понатаму текстот на Албахари адаптиран за Македонија, според моето видување, би можел да има ваков тек: Македонците денес, во суштина, не се сами, што значи не се изолирани, но ако тие веруваат во себе полесно ќе се одбранат од национализмите на нашите соседи и ќе најдат решение за враќање во ОН на името Македонија. Ако, пак, сме заморени од злобните притисоци и уцени на нашите соседи, тогаш треба да се земе предвид поговорката „по добриот коњ прашина се крева“ – таа поговорка нуди охрабрувачка заштита од намерите на нашите соседи за истребување на Македонците. Минатата недела Македонија се соочи со реалноста дека „најситните и отворените проблеми“ меѓу Бугарија и Македонија треба „да се решаваат врз основа на Договорот за добрососедство и соработка, потпишаните, во негови рамки, протоколи и заклучоците од ЕУ од 2022“ и дека „продолжува бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија“, оттука бугарската позиција во однос на Македонците е непроменета: Македонците се Бугари и до 1945 година тие не постојат. Ако намерите на Бугарија се јасни, тогаш што друго им останува на Македонците, на македонските политичари? Зарем не е време да веруваме во себе, зарем не е време гордоста во предизборието да се манифестира во постизборна гордост, зарем раскинувањето на Договорот со Бугарија не е нашето единствено решение за започнување на европскиот пат? Мојот одговор е јасен, а што мислите вие?