Фото: Маја Јаневска Илиева

Во организација на Здружението „Бадникови поворки“ утре ќе се одржат Бадниковите поворки, најголемата народно-културна и духовна манифестација во Македонија, посветена на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божик.

Годинава, Бадниковите поворки ќе се реализираат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на светлината, радоста и заедништвото.

Централна Бадникова поворка во Скопје

Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно ќе учествуваат во организацијата на настанот.

Градоначалниците и општинските тимови утре во претпладневните часови ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини. Потоа, со организиран превоз, децата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје.

Божикни ѕвездички, подароци и празнична програма

Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје од 11:30 до 12:00 часот, каде што на сите деца кои немаат ѕвездичка бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен спомен од Бадникови поворки 2026.

Точно во 12:00 часот, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената кај Божикната пештера.

Како кулминација на манифестацијата, ќе биде изведена „Божикна авантура“, голема музичко-сценска изведба во живо со учество на над 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“, која преку музика и симболика ќе донесе силни емоции и празнична радост за сите генерации.

Празнични посети

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки ќе остварат празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.

Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026, без потреба од претходно пријавување.

Веќе 16 години, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.