Автопатот Гостивар – Кичево ќе биде изграден во предвидениот рок, потврдија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски и директорот на ЈП „Државни патишта“ Коце Трајановски за време на денешниот увид на делницата од Гостивар до селото Букојчани, пренесе МИА.
Премиерот Мицкоски се заблагодари на институциите и соработниците кои, како што рече, препознаваат приоритет во реализацијата на проектот.
– Оваа Влада е целосно посветена на изградба на ваков тип на инфраструктура бидејќи поврзувањето, а и самата географска местоположба на државата треба да се искористи како предност, да се биде раскрсница во регионот е стратешка предност и како што кажа почитувана в.д. амбасадорка на САД во земјава, ние сме дел од НАТО Алијансата и на ова начин на реализирање на овие коридори се подобрува отпорноста и безбедноста во регионот, но и на Јужното крило на НАТО алијансата – изјави Мицкоски.
Министерот Николовски нагласи дека експропријацијата е завршена речиси 90 отсто и дека финансирањето се одвива навремено.
– Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 отсто, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 отсто од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Пред нас има уште реализација и некаде на крајот на 2029-та година ќе можеме да го возиме овој автопат. Да кажам дека прогресот е добар и на автопатот којшто оди од Тетово до Гостивар и на автопатот којшто оди од Прилеп до Битола – истакна Николоски.
Вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Никол Варнс, ја нагласи важноста на проектот: „Коридорот 8 ќе ја трансформира економската иднина на Северна Македонија со поврзување на истокот и западот, олеснување на трговијата и создавање можности за вашите граѓани. Четириесетте километри пат кои се во изградба денес го градат тој мост. САД го ценат ова партнерство и очекуваат дека двете наши влади ќе го задржат моментумот неопходен за реализација на оваа заедничка инвестиција,“ рече Варнс.
Директорот на ЈП „Државни патишта“, Коце Трајановски, информираше дека работите се одвиваат според планот.
– Во должина е околу 31 километар, даден е пристап и веќе се работи на 11-и-нешто километри. Гледате кои се активности тука коишто се работат. Присутни се некаде околу 600 вработени на оваа делница и повеќе од 500 градежни машини работат во моментов на оваа делница. Би сакал да истакнам дека една од најсложените и најтешките, воедно е и најтешка и најскапа делница којашто ја правиме ние во Република Македонија досега, со оглед на конфигурацијата на теренот, со оглед на тоа што гледате дека е во ридско-планински дел каде што треба да се заобиколи Стража и да се стигне до Букојчани – рече тој.
Трајановски додаде дека делницата од Букојчани до Кичево е во работа на 11 километри, а делот од Кичево до Охрид е во завршна фаза. Со изградбата на автопатот, времето на патување од Скопје до Охрид ќе се преполови, а патувањето ќе биде побезбедно и поудобно.

































