Фото: МИА

Признанија за вработените во Армијата и МО по повод 30-годишниот јубилеј

Во рамки на активностите со кои Армијата го одбележува својот 30-годишен јубилеј, денеска се одржа свечен собир на вработените во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.

На собирот, како што информира Министерството за одбрана, беа доделени голем број признанија за остварените резултати и за придонесот за Армијата. Во повисок чин беа унапредени припадниците на Армијата кои ги исполнуват условите. Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски доделија признанија и на претставници од институциите со кои соработуваат Министерството за одбрана и генералштабот.

Министерката за одбрана Петровска нагласи дека денешниот јубилеј не е само бројка, туку дека 30 години Армија значи 30 години сигурност, безбедност и државност. Подвлече дека секој припадник на Армијата, секој вработен во одбраната има свој удел во создавањето на армија со препознатлив имиџ за професионалност, дисциплина, мотивација и успех и дека токму со нивната енергија и посветеност ја остваривме нашата клучна стратешка цел – членството во НАТО.

– Бевме сами, а сега сме дел од една милијарда луѓе под колективниот безбедносен чадор на НАТО. Армијата има за што да биде горда пред своите граѓани затоа што вие чесно, мотивирано и професионално си ги извршувате своите задачи, но и многу повеќе од тоа. Кога дојдов на позицијата министерка за одбрана, првото нешто што го реков е дека од ниту еден вработен во Министерството и во Армијата не барам ништо повеќе од она што го имам зацртано за себе. А, првенствено, тоа е посветеноста кон одбраната и татковината, истрајноста која носи видливи резултати и амбицијата која отвора нови можности за подобра Армија, задоволни армиски припадници и побезбедна држава – рече Петровска.

Способностите на Армијата, како што рече, не се само зборови на хартија, туку вештини на дело.

– Армијата на дело покажа дека е способна и мотивирана. Дека функционира според највисоките НАТО стандарди. Нашиот Лесен пешадиски баталјон е првата поголема единица која неодамна беше оценувана според стандардите за оценување на борбена подготвеност на НАТО. Можеме да одиме со исправена глава, зашто покажавме дека сме на одличен пат да ги исполниме сите зацртани НАТО-цели на способности. Тоа првенствено е ваша заслуга – изјави министерката Петровска и додаде дека Министерството инвестира во кадар, опрема и модернизација кои ја зацврстуваат Армија.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски честитајќи го јубилејниот празник на сите припадници на Армијата, како и на унапредените, пофалените и штотуку пензионираните, упати порака да се продолжи со уште поголемо залагање и динамика во остварување на поголеми резултати, како што доликува на Армија членка на НАТО.

Најави дека приоритети во понатамошниот период ќе бидат реформите, трансформацијата, модернизацијата, како и постигнување на поголема психофизичка способност и обученост со цел оправдување на големиот рејтинг и почит која ја ужива Армијата кај граѓаните и во државата.

Покрај министерката Петровска и генералот Ѓурчиновски пред присутните се обратија и поранешните началници на ГШ, генералите Горанчо Котески и Методија Величковски, кои оваа година ги исполнија законските услови за заминување во пензија. За дадениот придонес во развојот на Армијата во текот на вршењето на должноста им беа врачени соодветни признанија.

Генералите Величковски и Котески, како што се наведува, го истакнаа своето задоволство што беа дел од Армијата за овие триесет години и учествуваа во нејзиниот развој, притоа посакувајќи уште поголеми успеси во понатамошниот период.

Во рамки на церемонијата од страна на командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, кој присуствуваше на прославата во рамки на дводневната официјална посета на државата, исто така се доделија признанија на припадници од Армијата за нивното залагање за извршување на задачите во текот на најголемата меѓународна вежба „Брз одговор” која беше реализирана оваа пролет на АП Криволак.

По завршување на собирот, министерката за одбрана Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и присутните ја посетија изложбата на фотографии по повод јубилејот „30 години Армија“ во холот на Домот на Армијата. Изложбата ќе биде отворена за посетителите во следниот период.

Собирот е дел од завршните планирани активности со кои се одбележува јубилејот 30 години од формирањето на Армијата, во чии рамки вечер, со почеток во 18.30 часот, на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје ќе се реализира отворен настан за граѓаните.

Централната свеченост по повод одбележување на јубилејот ќе се реализира утре, 18 Август, во касарната „Илинден“ во Скопје. Во останатите гарнизони каде се сместени командите и единиците на Армијата, воени свечености се реализираа во текот на денешниот ден.


Медал за заслуги за претседателот Пендаровски од националната гарда на Вермонт

Соработката меѓу Армијата на Република Македонија и националната гарда на Вермонт, која се остварува преку обука на припадниците на двете армии, реализација на заеднички вежби, како и заедничко учество во мировни мисии беа тема на разговорор на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со командантот на Националната Гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.

– САД се наш клучен поддржувач од нашата независност до денес, а соработката во областа на одбраната која почнува од самото формирање на нашите вооружени сили во 1992 година постојано се унапредува и продлабочува – истакна претседателот Пендаровски на средбата.

Како потврда за одличната соработка, се посочува, беше посочено заедничкото учество на воената вежба „Брз одговор 22“ на Криволак, спонзорирана од Армијата на САД во Европа заедно со силите од шест други членки на НАТО, а на која учествуваа околу 4.600 војници.

– На средбата стана збор и за Декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008 година и другите билатерални правни аранжмани, коишто обезбедуваат широка рамка за соработка, при што беше посочено дека има потенцијал за продлабочување на стратешкото партнерство – се наведува во соопштението на кабинетот на претседателот.

На средбата и претходеше свеченост во кабинетот на претседателот на која генерал-мајорот Грегори Најт му додели „Медал за заслуги“ на претседателот Пендаровски за особени достигнувања во периодот од 12 мај 2019 година до 9 јули годинава, како извонреден и важен поддржувач на државната програма за партнерство со Националната гарда на Вермонт, се наведува во соопштението.


Македонија и Вермонт покажаа како се создава вистинско сојузништво

Република Северна Македонија и американската држава Вермонт имаат исклучително блиска соработка од која учиме и ние и Националната гарда на Вермонт, се развиваме заедно и ги зголемуваме капацитетите како сојузници во НАТО. Тоа го истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со генерал-мајот Грегори Најт, командант на Националната Гарда на Вермонт, кој допатува во Скопје по повод Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“.

– Ние сме амбициозни затоа што знаеме дека ако сме посветени како и досега, нема граница за она што можеме да го постигнеме и во доменот на интероперабилноста, и во развојот на вештините и способностите на припадниците на Армијата и на Националната гарда на Вермонт – рече Петровска.

Министерката посочи дека нема подобар пример за заедништво од она на кое сите бевме сведоци во текот на месец мај, кога армиските припадници и припадниците на Националната гарда на Вермонт заеднички се обучуваа на армискиот полигон „Криволак“ во рамки на досега најголемата вежба реализирана во Македонија, „Брз одговор 22“. Петровска упати благодарност до генералот Најт и Националната гарда и за континуираната поддршка во развојот на капацитетите на армиската единица за АБХО.

На средбата, министерката Петровска се осврна и на идните планови во соработката – реализацијата на вежбата „Дефендер 23“ следната година, можностите за проширување на соработката преку трилатерално партнерство помеѓу Македонија, Вермонт (САД) и Австрија, како и развојот на капацитетите за сајбер одбрана и развојот на подофицерскиот кор, кој е столбот на Армијата.

Генералот Најт порача дека Националната гарда на Вермонт останува силно посветена на партнерството со Македонија, кое може да послужи како одличен пример како заеднички се развива интероперабилноста која е клучна во НАТО – Алијансата.

Програмата за партнерство со Националната гарда на Вермонт е иницирана во 1994 година, а досега повеќе од 7.000 припадници на Армијата биле дел од заедничките активности. На Националната гарда на Вермонт доделен и е орден за заслуги, а годинава министерката Петровска на генералот Најт ќе му додели плакета по повод 30-годишниот јубилеј и долгогодишната успешна соработка.