Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан во ексклузивно интервју за грчкиот дневен весник „То Вима“, вели дека Охридската Архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на православната црква и ќе бара томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, затоа што таа е единствената црква која по традициите и каноните издава таков документ, објави порталот Религија.мк.
Архиепископот г. Стефан очекува дека тој томос од Вселенската Патријаршија ќе го прифатат сите помесни православни цркви.
Во интервјуто тој потенцира дека целта на МПЦ-Охридска Архиепископоја не е да има експресни решенија што ќе ја постават црквата на половина пат измеѓу, туку вистинска автокефалност признаена од сите.
– Во православното предание има ред на работите. Ние се надеваме за автокефалија како што добија и од кого добија сите послехалкидонски цркви. Ниту бараме, ниту посакуваме, ниту заслужуваме експресни решенија, не сакаме нешто што ќе ја постави Охридската Архиепископија на половина пат и измеѓу. Во подготвителните заседанија, но и со разговорите во Шамбези, беше поставено прашањето за начинот на доделување на автокефалноста, односно тоа да се одвива по пат на некаков сеправославен консензус и да биде потврдено од сите претстојатели на црквите. Вселенскиот Патријарх беше многу снисходлив, откажувајќи се и од своите права, за, сепак, да се дојде општо задоволство и мир во меѓуправославните односи. Но тоа што се предлагаше не се договори конечно и не беше усвоено и прогласено за важечко правило со сеправославно решение. Остана да важи традицијата загарантирана од каноните, дека единствено Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност, а другите цркви тоа со почит го прифаќаат – вели г.г Стефан во интервјуто за „То Вима“.