Арбен Таравари денеска беше избран за претседател на партијата Алијанса за Албанците. На вонредниот конгрес на партијата, што се одржа во Тетово, актуелниот градоначалник на Гостивар ја добил поддршката со 512 гласови „за“. Еден глас беше „против“, а двајца биле воздржани.
-Денеска го одржавме третиот вонреден конгрес на партијата каде направивме некои промени во Статутот на партијата кои досега не беа предвидени, на пример доколку претседателот на партијата дава оставка, а воведовме и една нова функција – претседател на Собранието на партијата. Донесовме и Кодекс за однесување во партијата. Последна точка ни беше избор на претседател на партијата каде со мнозинство гласови добив поддршка да бидам претседател во наредниот период – рече Таравари.
По изборот тој најави дека политиките на партијата остaнуваат исти и најави кампања „врата на врата“.
– Ние почнуваме кампања без разлика дали ќе се одржат избори во 2023 или 2024 година. Ние ќе бидеме во продолжена или континуирана кампања врата на врата до следните избори -рече Таравари.
За влез во Владата, како што кажа, немаат ништо конкретно.
– Ќе чекам да се формираат партиските тела, па затоа ќе настојувам што побрзо да се одржи Собранието на партијата за да го избереме и Централното претседателство за да функционираме онака како треба. Без нив ќе излезе дека само еден човек одлучува за се. Не сме стигнати до министерски места, не исклучувам можност, меѓутоа засега нема таква понуда – рече Таравари.