Фото: Игор Бансколиев

ДРЖАВНАТА РЕВИЗИЈА ГИ ДЕТЕКТИРА НЕПЛАЌАЧИТЕ НА ДАНОЦИ ШТО ГО ЕРОДИРААТ ОПШТЕСТВЕНО-ЕКОНОМСКИОТ СИСТЕМ

Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, во кој се наведува дека Општина Арачиново не наплаќа данок на имот, но и редица други давачки што се задолжителни со закон и важат за сите други, ја отвора и дилемата како да им се застане на патот на ваквите појави, кои ја осиромашуваат државата и се на штета на сите граѓани. Неплаќањето даноци не е референца на патот кон ЕУ и може само да нѐ оддалечи од

Во Македонија со години во некои општини и некои граѓани избегнуваат да платат данок. Со тоа тие имаат извонредно значаен удел за стагнирање и осиромашување на државата, пад на квалитетот на институциите, со особено силен удар на нестопанските дејности, образованието и здравството.
Во самиот врв на неплаќачи речиси секогаш е Општина Арачиново.

Беззаконието како (негативен) пример до другите слични единици на локалната самоуправа

Според најновиот извештај што деновиве го објави Државниот завод за ревизија, Општина Арачиново не наплаќа данок на имот, не наплаќа комунална такса на фирма, не наплаќа комунална такса за користење музика во јавни локали, не наплаќа комунална такса за истакнување реклами и огласи на јавни места, ниту пак наплаќа надоместок за уредување градежно земјиште. Во другите општини од државата сите овие давачи се задолжителни и за нивно неплаќање се предвидени високи казни. Но не и во Арачиново.

Во извештајот за 2021 година, ревизорите изразиле негативно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи. Во него се посочува дека Општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за даноците за имот, за промет од недвижности и наследство. Дополнително е утврдено дека во Општината не е воспоставена ниту евиденција на побарувања за физички и правни лица.
Во делот други прашања, ревизијата ги истакнува системските слабости во законската регулатива и потребата од нивно надминување, со цел комплетност и точност на остварените приходи кај општините. Ревизорите укажуваат и дека во текот на 2021 година им се исплатени надоместоци во износ од над 29.000 евра на сите членови на Советот на Општина Арачиново, без докази за одржани седници и присуство на сите советници. Од извршениот увид во записниците за одржани седници, ревизијата констатира дека во текот на годината се одржани вкупно четири седници, а исплатен е надоместок за 12 месеци. Тоа значи дека не само што не се полнела општинската каса туку таа безмилосно и незаконски се празнела.

Фото: Игор Бансколиев

Во првите десет месеци од 2021 година, градоначалничка на општината беше Миликије Халими, по што на нејзино место доаѓа градоначалникот Ридван Ибраими.
Новиот градоначалник Ибраими тврди дека државниот ревизорски извештај за Општина Арачиново се однесува на минатото раководство, а не за сегашното, нагласувајќи дека ревизијата била направена по негово барање.

Според него, граѓаните не се виновни што во општината никој не плаќа данок на имот, бидејќи самата локална власт не им го овозможила тоа. Но тој нагласува дека овој процес е веќе започнат и досега се регистрирани 2.091 куќа, од кои 15 отсто веќе доброволно платиле. Се очекува да бидат запишани уште 450 куќи.
– Прекршоците се, сметам, според тврдењата на државна ревизија, тешки и тоа е дополнителна можност или мотив за мене како раководител за во иднина да не поминат толку лесно злоупотребите. Ѝ се заблагодарувам на државна ревизија бидејќи на почетокот на мандатот кога направија ревизија за општинските служби, за тоа ги информираа и Владата и надлежните институции – вели Ибраими.
Градоначалникот, сепак, признава дека општината нема податоци колку дивоградби и недвижен имот има во Арачиново.

Во кои општини е највисока даночната евазија?

Според истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации, за 2017, 2018 и 2019 година, Општина Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќала данок на имот. Образложението од Општина Арачиново тогаш беше дека нема база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение. Очигледно проблемот останал и сега во 2023 година, за што потврда е најновиот ревизорски извештај.
Инаку, во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) се посочува дека покрај Арачиново, најниска просечна наплата на данок на имот имаат и општините Маврово и Ростуше (27 отсто), Студеничани (32 отсто), Долнени (34 отсто), Центар Жупа (36 отсто) и Гостивар (40 отсто).

Но проблемот не е само во неплаќањето на даноците.
Минатата година, откако Владата ја иницира акцијата за рационално однесување и намалување на трошоците за енергија, јавноста беше изненадена од информацијата дека само за октомври Општина Арачиново потрошила дури 474 проценти повеќе струја од октомври претходната година. Според одредени податоци што се појавија во јавноста, загубите на електрична енергија само во Арачиново изнесуваат околу 80 отсто, а вредноста на неплатената електрична енергија достигнува до неверојатни 50 милиони евра годишно. Истото тоа се случува и во други делови од Скопскиот Регион, во Сингелиќ, Серава, Грчец, Студеничани. Значи правилата што важат за сите граѓани во државата, не важат за дел од жителите на Арачиново.
Токму со оваа општина во минатото се врзуваат и одредени инциденти кога беше нападната полициска патрола или не им беше дозволен пристап на вработените од ЕВН итн.

Според социолозите, ваквите случаи и ваквото однесување говорат за руинираноста на системот во целина.
– Нема повеќе верба во институциите на системот и тоа е апсолутно недозволиво. Владеењето на правото го губи своето место во општеството бидејќи законите се девалвирани. Македонија не е и не смее да биде третирана како Див Запад – велат нашите соговорници.

Професорот Константин Димитров, експерт за енергетика, во однос на неплаќањето и големите загуби на енергија смета дека случајот во Арачиново е приказ на нефункционалноста на државата.
– Некој ако краде треба да биде фатен и да одговара. Како што гледаме нема фатен, нема кражба, нема обвинителен акт, нема ништо и сѐ си продолжува исто. Народ плаќа, а некој профитира – оценува професорот.

Во светот постојат таканаречени даночни раеви и тоа обични се некои територии, најчесто мали држави или острови каде што има ниска стапка на даноци или нив воопшто ги нема. Голем број милијардери низ светот, токму поради ваквите поволности одлучуваат да регистрираат компании во овие земји за да ги искористат предностите на ваквите даночни олеснувања. Но Арачиново не е ниту Белизе, ниту Кајмански Острови, ниту Британски Девствени Острови, ниту Сејшели… за таму да важат други закони. Дотолку повеќе што Македонија веќе го започна скринингот на патот кон ЕУ, а во Европа оваа материја е јасно регулирана.

Во рамките на Европската Унија дури и постои и таканаречена црна листа на даночни јурисдикции и се однесува на држави што ги прекршуваат или не соработуваат во сферата на меѓународните стандарди за оданочување. Македонија моментално не е на таа листа.

Но како земја кандидат на влез во ЕУ, од нас секако се очекува да овозможиме законите да важат за сите еднакво и да нема привилегирани во ниту една сфера од општеството. Патем, неплаќањето даноци не е референца на патот кон ЕУ и може само да нѐ оддалечи од посакуваната цел.


Други вистински белези на екстериторијалност

Во одредени општини од државата, забележлива е и појавата на истакнување знамиња на други држави или, пак, занемарување на државното национално знаме на сметка на албанското знаме. Таквите провокации, со цел обележување на територијата, создаваат немир и фрустрација кај мнозинското население, бидејќи Македонија им дава највисоки права на сите малцински етнички заедници во државата. Но претходните примери, како неплаќање данок, кражби на струја, напади врз полицијата, се само показател на беззаконие и белези на екстериторијалност во одредени делови од државата, што е крајно недозволиво.
Во Македонија, која е членка на НАТО и кандидат за ЕУ, мора да се спроведуваат законите и да се почитуваат институциите. Секое поинакво однесување мора да биде превенирано, односно санкционирано.