Портрет на Анте Поповски

Коле Манев

Се мисли, по престој на море, добро е да се оди на планина. Тоа ти било некаков дополнителен позитивен импулс за човечкото тело и здравје. Од крајот на мај и голем дел од јуни бев на море, се разбира на Егејско. Кога одам на море си поставувам две задачи. Првата е да го видам родното место, тоа не значи по секоја цена да го посетам моето село, доволно ми е да поминам во околните места со што радоста и задоволството се исполнуваат. Втората причина е помалку слободоумна, односно без ограничувања. Тоа значи кога тргнувам од дома не велам ќе одам таму или на кое било друго место, туку, тргнувам без конкретна идеја, возејќи размислувам и одлучувам на кое место ќе се укотвам. Тоа ти било туристичка апстракција! Според ваквите размислувања, тоа значи идејата е конкретна, решенијата се различни и по мисла и по форма.

Почитувајќи ги спомнатите здравствени препораки, по море добро е планина, одма се најдов на голема височина во Лазарополе. Како што вели и пишува пријателот Јован Павловски, дека тој во „тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“ и јас една година сосема случајно паднав во Лазарополе! Ова можеби некому ќе му заличи на емотивна и географска апстракција.

Во месец мај 1976 година, колку времето брзо минува!, го снимав долгометражниот документарен филм „Тулгеш“. Некои сцени за филмот требаше да ги снимиме во Дебар, каде што имаше, можеби и сега има, значителен број семејства дојдени од неколку поранешни социјалистички држави, како бегалци од Граѓанската војна во Грција. Со екипа од „Вардар филм“, во тоа време директор беше Анте Поповски, отидовме во Дебар, снимивме тоа што ни требаше, меѓутоа ни остана мал дел неснимен материјал и што, се запрашавме во екипата? Дали да се враќаме во Скопје и утре повторно да дојдеме или да спиеме во Дебар? Решивме да останеме во Дебар, но како што понекогаш сака да ги нареди работите судбината или случајноста, хотелот во Дебар се реновираше!

Ни остана да се вратиме во Скопје, а одговорниот од хотелот ни вели: „Зошто да се враќате во Скопје, имате добро возило, отидете во Лазарополе, тоа е на дваесетина километри од Дебар“? Можам да му се јавам на директорот од задругата, да провериме дали имаат слободни места. Човекот му се јави на директорот од задругата „Кочо Рацин“ и доби одговор дека ќе нѐ примат!

И советот на одговорниот од хотелот што се реновираше и ноќта што го голташе просторот во својата спокојна темница нѐ убедија да одиме во Лазарополе. Во селото стигнавме брзо, мештаните нѐ пречекаа пријателски и срдечно. Директорот на задругата нѐ смести во тогашната вила наречена „Вила на Лазо“, се мислеше на Лазар Колишевски. Ни дадоа и вечера, која беше повеќе од феноменална, би рекол кралска.
Дали од работата со филмот, која секогаш е возбудлива, но и истоштува, спиењето и соништата во вилата ни дојдоа како капак за тенџере. За појадокот да не раскажувам, сите квалитетни производи од тој крај ни беа понудени на маса. Кога рано утрото излеговме надвор од вилата, ни се понуди широко поле искитено со цвеќиња од сите колоритни нијанси што постојат во светов! Си реков ова сигурно е пролетна и природно обоена апстракција.

Денес Лазарополе заликува на нешто поразлично, како да почна да го зајадува некоја меланхолична едноколоритна апстракција! Само облаците што поминуваат и го разгледуваат просторот од Лазарополе се природни феномени што се исти како од времето кога престојувавме во „Вилата на Лазо“ и кои заличуваат на облаците што ги сликаше Констабл, сликар од Велика Британија, вљубеник во убавите страни од природата, чии слики содржат нешто што потсетува на некаква ликовна апстракција.
Кога веќе сме на тлото на Европа, деновиве во Италија, вулканите Етна и Стромболи, се разбудија, почнаа да исфрлат топла сива прашина и црвена течна вулканска лава, со што ги разбудија и возбудија жителите на околните островски и копнени предели. Научните фактори за вакви проблематики знаат, а со тоа и ние обичните посетители на убавата планета земја треба да знаеме дека во поголемиот дел од внатрешноста на планетава сѐ уште е присутна и врие високата стопена течна лава, која често на делови од земјава се појавува и издишува во форма на вулкани.

Не е исто или сеедно кога ваква топлина доаѓа, излегува од внатре, за жал, топлина се движи и по површината на разни места од планетава земја! Во Калифорнија деновиве имало педесет степени топлина под сенка, се верува дека во наредните денови горештината на воздухот во некои места ќе порасне до педесет и четири степени. Ваквата појава можеме да ја крстиме како надворешна топлотна апстракција.

Кога сме во Америка и во САД, да споменеме, претседателот Бајден грчевито се бори и не дозволува да биде заменет од друг кандидат за иден претседател на силната САД. На Бајден му се замерува што на еден митинг во некое топло место рекол, тој е прв претседател како обоена жена, црнкиња, во историјата на САД! Тоа било грешка, за една таква омашка зарем треба да барате друг кандидат и да го замените со овој што спонтано ја исправил својата грешка! Тоа ми заликува на лична грешка што се претвора во колективна апстракција.

На Балканот се случуваат не само колективни туку често, многу често се случуваат и лични апстракции!

Што се случува во Бугарија да не зборуваме, тие, мислам на раководните личности, подолго време, да не речам отсекогаш, биле и се обвиткани со лични и заеднички апстракции. Во Грција, премиерот Мицотакис, сакајќи да си направи идилична апстракција, а на колективната ѝ нуди лажна и изопачена апстракција, само и само, неговата да прерасне во голема и значајна „еленска“ апстракција, наводно дека нашата нова власт ширела националистички идеи и имала територијални претензии! Кога вакви теории излегуваат од внатрешноста на една личност, која било и да е, тоа значи дека неговата лична апстракција се нуди во форма на студенило, која не решава, туку создава дополнителни непотребни горештини и топлини.

Ваквите апстрактни провокации, нашата нова власт треба мирно и спокојно да ги прима и толкува, не како досега со свиткана кичма понизно да ја наведнува главата кон другите, туку разумно и на демократски начин, дел од политичката вода да ја насочува и кон нашите природни ниви и апстракции. Новата власт така и се однесува и добро е што е така.

На седми јули, значи само пред неколку дена, се случи вториот круг од вонредните собраниски избори во Франција. Како што тврдат некои експерти, познавачи на политичките состојби во Франција, пребрзата и непромислена одлука да го распушти Собранието, личната апстракција на претседателот Макрон, создаде дополнителен колективен политички француски јазол, кој си врза уште еден апстрактен јазол, во период кога во Европа и во подалечното соседство се случуваат војни.
Велиме „студени“ војни, зошто кога од секое современо воено оружје извира и се создава силна топлина, од кои лични и колективни апстракции страда невино население!

Во ликовниот јазик и речник, кога се спомнува апстракција, често се мисли на дело во кое владеат ликовен хаос и творечко безредие. Тие што така мислат грешат. Во отсуство на форма, ликовната апстракција е резултат на беспрекорен творечки ред и хармонична авторска колоритна атмосфера.