Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека зголемување на платите во образованието од седум проценти ќе има во април и оти тоа, покрај за наставниот кадар, ќе важи и за сите вработени во основните и средните училишта.
– За жал се појавија бројни шпекулации на социјалните мрежи дека нешто не е во ред со покачувањето на платата. Тоа не е точно, одговорно тврдам дека и оваа година, како и претходните, наставниците ќе си добијат поголема априлска плата за 7 проценти – рече министерката Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред одржувањето на третиот Женски Економски Форум во Скопје.
Таа дополни покачувањето ќе важи и за сите останати вработени во училиштата и во основното и во средното образование.