Јавното обвинителство ја оценува како целосно беспредметна и непотребна иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.
Иако Јавното обвинителство ќе ја прими иницијативата како и секоја друга претставка, крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува, велат од Обвинителството.
Државната комисија за спречување на корупцијата иследувајќи ја целата постапка која во судот се водеше против бизнисменот Сеад Кочан и неговата компанија Трансмет откри низа злоупотреби со кои е оштетен Буџетот и донесе одлука до Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да достави иницијатива за сомнежи за намерно оштетување на доверители – државата и други, по пат на фалсификување документација, измама и перење пари, со цел обезвреднување на имот кој бил во сопственост на РСМ и преземање на неговата сопственост од страна на друго правно лице.
Во денешната реакција од ОЈО се наведува дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има оформен предмет во кој се опфатени неколку кривични пријави и во чии рамки се испитува постапувањето на сите институции при конфискацијата на имотот на „Трансмет“.
-Во рамките на тој предмет обезбедена е целокупната документација, вербални и материјални докази и надлежниот јавен обвинител е пред донесување на јавнообвинителска одлука. Како еден аспект од целиот предмет, нагласуваме дека надлежниот јавен обвинител, согласно сите обезбедени докази и направени проверки, веќе согледа дека во јавнообвинителското постапување во предметот „Труст“ не е направен никаков пропуст. Оттука, со јавната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е нанесена непотребна штета и на Јавното обвинителство како институција и на јавните обвинители кои постапувале во предметот – велат од Обвинителството.
Сеад Кочан на изрекувањето на пресудата за „Труст“
Оттаму додаваат дека „Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба која јавниот обвинител детално ќе ја образложи при носењето на одлуката и ќе ја поткрепи со соодветен доказен материјал“.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) вчера соопшти дека од неуспешната конфискација на имотот на „Трансмет“ за случајот „Труст“, најмногу ќарила фирмата „Пуцко петрол“. Од таму соопштија дека имотот на „Трансмет“ бил преземен од фирми и банки со што била направена штета од над 12 милиони евра за државата.
Од Обвинителството велат дека заклучоците на Комисијата во поглед на имотот на „Трансмет“ воопшто ги немаат предвид ниту веќе правосилните одлуки на Апелациониот суд, со кои спогодбите за префрлање на имотот од „Трансмет“ на „Пуцко Петрол“ се огласени за ништовни и правно неважечки, онака како што е предвидено во членот 202 од Законот за кривична постапка, и со кои имотот на Сеад Кочан е трајно впишан во сопственост на државата.
-Доколку крајната цел не е обид да се влијае на исходот од постапката што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и свесно да се компромитира, неразбирливо и крајно неодговорно е Комисијата да поднесува иницијатива за кривично гонење во оваа фаза од постапката и врз основа на нецелосно проверени факти, кои не соодветствуваат на доказите обезбедени во предметот. Особено е неодговорно од една институција како ДКСК, врз вака нецелосно обработени и неточни факти, да излегува надвор од своите надлежности и да прикажува „шеми“ на наводно организирано дејствување, бидејќи тоа единствено е во надлежност на истражните и на судските органи во државата – се наведува во денешното соопштение на ОЈО.
Апелираат ДКСК да се држи до своите законски надлежности и како што велат, да не нанесува штета на постапките кои се во тек и додаваат дека Јавното обвинителство како единствен орган надлежен за кривичен прогон нема да дозволи и остро ќе се спротивстави на секој обид да се влијае врз постапките.