Φото: Маја Јаневска-Илиева

Со 84 гласа „за“ без воздржани и „против“ Собранието денеска во рамки на 72. пленарна седница донесе одлука да основа Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Македонија. Анкетната комисија се формира на предлог на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ и ќе се фокусира на трагедиите во Кочани, во Модуларната болница, „Дурмо турс“ и Ласкарци.

Собранието не ја прифати иницијативата за Анкетна комисија за случувањата во Кочани поднесена од СДСМ, Левица и ДУИ за која гласаа само 28 пратеници. На седницата е донесена одлука и за распишување оглас за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски образложи дека Анкетната комисија  за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите има за цел да се утврдат сите пропусти за трагедиите во изминатиот период кои резултираа со човечки жртви, со што добиените наоди понатаму би биле испратени до Владата и до Јавното обвинителство за да се лоцира доколку има политичка и кривична одговорност.

– Оваа Анкетна комисија се поднесува заради сериозноста на последиците на трагедиите кои се случија последните неколку години, несреќата во дискотеката во Кочани, несреќата на „Беса транс“, Модуларната болница во Тетово и несреќата на „Дурмо Турс“ кај Ласкарци. Целта на ваквата Анкетна комисија е да се разгледуваат сите пропусти и сметам дека овие трагедии коишто со човечки животи ги платија недолжни луѓе имаат заеднички именител кај сите четири трагични несреќи се забележува сплет на пропусти на многу институции, нефункционалност на добар дел од системот и раководители на одредени институции коишто создале една опасна замка за сите четири несреќи во којашто замка за жал ненадоместливо имавме загуба на 138 човечки животи. Целта е исто така кои било наоди што ќе се добијат да бидат испратени до Владата и до ЈО, кои можат да помогнат во лоцирањето на политичка одговорност и кривична одговорност – рече Милошоски.

Според него, потребна е неселективност за сите трагични настани за објективно согледување и решавање на системски пропусти и недостатоци. Овие четири трагични настани што резултираа со ваква ненадоместлива штета и за семејствата и за целата држава, рече Милошоски, не треба да бидат селективно разгледувани, туку да бидат разгледувани како една целина за да можеме со објективни согледувања да дадеме препораки за поправање на одредени системски недостатоци.

Милошоски упати апел до пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче да даде поддршка за оваа Анкетна комисија која ќе ги разгледува покрај актуелните и сите други трагични настани.

– Ако гласаме заеднички за една Анкетна комисија без селективност и со истото чувство на емпатија можеме да имаме поголеми шанси да стигнеме до препораки и заклучоци коишто би биле корисни за целата држава и би послужиле за системски корекции за во иднина да се намалат ризиците за вакви трагедии – рече Милошоски.

Оливер Спасовски, ја образложи потребата од формирање на Предлог на одлука за основање на Анкетна комисија за трагичниот настан во Кочани, март 2025 година. Рече дека ова не е барање само на родителите на загинатите 64 лица во пожарот во „Пулс“ туку и на мнозинството граѓани. Оваа Анкетна комисија, додаде координаторот на пратеничката група на СДСМ, да се утврди хронологијата, околностите, одговорноста на институциите и пропустите за контрола и надзор, прекршувањето на законските и уставните одредби…

Собранието на седницата ги донесе Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Македонија, измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за данокот на додадена вредност и Законот за претворање на побарувањата на Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија – Скопје. Пратениците ја изгласаа и Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2026 – 2030 година.

Собранието утре ќе продолжи со 72. седница.