Продолжува да гори пожарот на планината Серта, гаснењето продолжува, утре изутрина ќе се гасне со хеликоптери и со ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. Ова вечерва го истакна директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
– Продолжува да гори. За жал не успеваме да воспоставиме контрола над него. Теренот е исклучително лош, има многу трња, многу грмушки, многу густ терен, испресечен со долови. Високата температура и ветерот што го менува правецот, дополнително го отежнува гаснењето – појасни тој.
Рано утрово се гаснело со еден полициски хеликоптер, веднаш потоа и со два армиски хеликоптери, а нешто подоцна со два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.
Но покрај тоа, за жал, огнот повторно бил активен.
– Војската е активна на терен. Сто и три војника активно учествуваат во гаснењето, како и 30 припадници на МВР, локални противпожарни сили од Неготино и Кавадарци, доброволци – додаде Ангелов.
Пожарот на Серта избувна во средата околу 10.30 часот.