Дванесет села се зафатени во пожарите, кои од попладнево беснеат во земјава, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов кој во моментов е во Светиниколскиот регион, каде што огнот влезе во три села и опожарени се стари куќи, но и куќи во кои живее месно население во селата Немањици и Малино.
-За жал имаме изгорени куќи, повеќе од куќите во село Немањици се стари и напуштени, но овде имаме зафетено и куќи во кои живее месното население. Зафатени села со пожарите се и на територија на Општина Куманово, три села и тоа село К’шање, Кокошино и Мургаш, каде што претежно има викендици. На територија на Општина Старо Нагоричане три села Малотино, Ригињци и Коњух, потоа во Општина Свети Николе Немањици, Орел и Малино. Во суштина овој пожар во село Немањици, каде што се наоѓаме сега започна од селото Орел, кој изби некаде на сред село и тргна наваму со голема брзина – вели Ангелов.
Посочи дека во Општина Пробиштип се зафатени две села: Горно Барбарево и Стрицовци, додека на територија на Општина Штип е зафатено село Стар Караорман. Тој додаде дека според досегашните информации дел од овие пожари се ставено под контрола.
Во селото Немањици, буквално гори од сите страни. Изгорени куќи има и во горниот и во долниот дел на селото, во последен момент е спасена и црквата. Мештаните забележуваат дека тројца нивни соселани со полиција биле извлечени од нивните куќи и бачила, кои сакале да ја спасат покуќнината, но и овците во бачилата. Пожарот брзо се ширел поради ветерот кој дува во Овчеполскиот регион. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев истакна дека во селото Орел се изгорени неколку куќи, а во село Немањици изгорени се една четвртина од куќите.
– Самиот ветар не ни дава мир и не знаеме што ќе се случи во текот на ноќта, има пожар во село Малино на Ѓуриште и мислам дека пола село е изгорено, старо село, со тоа што пожарот се провлекува веќе надолу и накај патарината на автопатот Свети Николе Миладиновци – вели Владев.
Пожарот од село Немањици се шири кон селото Ерџелија, на терен со огнените стихии на територија на Свети Николе се пожарникари од ТППЕ-Свети Николе, Штип, Велес, Неготино, Кавадарци, пожарникари доброволци, припадници на Армијата. Додека дописничката на МИА беше во селото Немањици, хелиокоптер со ведро ги гаснеше куќите, а вода полнеше од блиската брана Мавровица. Опожарени се земјоделски површини и лозја, како и нискостеблеста шума и трева. На повеќе локации во Овче Поле со механизација се прават и пресеци со цел пожарите да не зафатат куќи и земјоделски површини.