Вештачката интелигенција (ВИ) е неминовност и ќе го обликува нашето живеење. Нема да го замени човекот, но луѓето кои ја користат ќе ги заменат оние што не ја користат. Тоа ќе се случи секаде, и во јавната администрација и во приватниот сектор и во продажбата и во купувањето. Се надевам постои свесност кај домашните компании дека ова е иднината, дека ќе се приклучат кон новите трендови и дека ќе се адаптираат на предизвиците, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
На првиот панел од конференцијата на Блумберг Адриа што се одржува во Скопје, Андоновски напомена дека Македонија може да се дигитализира многу брзо, за помалку од 10 – 20 години, ако паметно ги искористи младите луѓе и нивниот потенцијал зашто тие, нагласи, ќе ја движат промената и на малите и средните бизниси и на навиките на потрошувачите.
Министерот потсети дека Владата одлучи да го укине Фондот за иновации зашто оваа институција, потенцира, беше извор на корупција.
-Македонија има квалитетни потрошувачки навики во смисла на свесност за дигитализација. Првите платформи за е-трговија кај нас се појавија во 2010 – 2011 година, кога регионот воопшто не зборуваше за вакви трендови. За жал, државата тоа не го следеше. Но, добро е што актуелната Влада има фокус на „дигитализација сега“, тоа беше многу важно, зашто не само што не „претрка“ регионот, туку не надминаа и нашите приватни компании. Дигитализацијата не бара премногу инвестиции, а ние навистина произведуваме одличен кадар особено во делот на техничките науки. Ако правилно ги искористиме младите луѓе кои излегуваат од образовните институции и ако во овој сегмент форсирано инвестираме и паметно се развиваме сите, особено реалниот сектор зашто тој е моторот на општеството, сигурен сум дека за многу кратко време, не за 10-20 години, ќе го спроведеме процесот целосно – истакна Андоновски.
Во однос на дигитализацијата на јавната администрација, повтори дека клучен предизвик е човечкиот капитал. Мора да се работи, додаде, на излегувањето од комформизмот во кој нашата администрација е заглавена 30 години.
-Имаме среќа што премиерот е машински инженер со специјалност роботика, па свесноста за овие прашања ја има во Владата како носечка. Ќе се работи на дигитализацијата институција по институција, се додека не се заврши процесот комплетно, иако некои институции сами покажуваат желба и бараат совети – рече Андоновски.
Осврнувајќи се на владината поддршка за бизнисите на патот на трансформацијата, го спомна првиот европски дигитален иновациски хаб што го формираа Сојузот на стопански комори и ФЕИТ.
-Се одлучивме на радикален чекор, на укинување на Фондот за иновации кој беше извор на корупција. Многу малку компании аплицираа на последните повици зашто знаеја кој и зошто добива. Планираме спојување со Агенцијата за поддршка на претрпиемништвото, односно изградба на сериозна институција која вистински ќе поддржува иновации и тоа ќе го прави стратешки, не проект за проект, туку на ниво на политика. Ако Владата, на пример, планира енергетска транзиција, ќе кажеме дека такви иновативни проекти ќе се финансираат. Тоа е првиот елемент, а вториот на кој работиме е првиот европски дигитален иновациски хаб што го формираа Сојузот на стопански комори и ФЕИТ и кој е добра можност за сите мали и средни претпријатија зашто ќе им помогне во дигиталната трансформација. Таму ќе се работат планови и програми за дигитална трансформација и ќе се вршат обуки кои се веќе почнати, а се бесплатни за малите и средните фирми. За понапредните, пак, има можности за тестирање. ЕУ даде акредитација, а ние вложуваме 1,5 милион евра во наредните 2,5 години и знаеме дека ќе постигнеме ефект на вистинска иновација и дигитализација во приватниот сектор без Владата да се меша и да бира кому ќе дава средства. Науката, коморите и малите и средните фирми ќе го сработат се тоа, ние сме тука само да помагаме- потенцира Андоновски.
Во врска со е-трговијата, истакна дека најголемиот проблем или предизвик се уште се измамите. Тука, за жал, рече, може да се делува само превентивно, не и репресивно, зашто тешко се стигнува до изворот на пробпемот.
-Сепак, се фокусираме и на ова прашање и работиме во оваа насока, посебно на дигитална писменост на граѓаните. Не би рекол дека измамите ги прават кредибилни македонски компании или банки, напротив. Сметам дека сите што се занимават со е-комерц кај нас си ја вршат работата како што треба. Но, има измами зашто предатори го користат незнаењето и недостигот на дигитални вештини кај луѓето, а се подготвени да ги лажат, да им испраќаат пораки,…- рече министерот.
Фокус на конференцијата на Блумберг адриа е трендот на потрошувачите, а присуствуваат претставници од бизнисот, стопанските комори, јавните институции, науката и аналитичари.