Фото: Генералштаб, Канцеларија за воени односи со јавноста

Командантот на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, во рамки на неговата официјална посета на Република Македонија. По пречекот со високи воени почести, тој оствари средби со началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, со министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

Министерот Мисајловски, како што се наведува во соопштението, изрази благодарност за досегашниот ангажман и личниот придонес на генералот Најт, осврнувајќи се на тридецениското партнерство и соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт.

Фото: Генералштаб, Канцеларија за воени односи со јавноста

-Заедно ја унапредивме интероперабилноста, програмите за обука и подготвеноста, кои се клучни елементи на нашата заедничка посветеност на мирот и безбедноста. Ми беше привилегија да работам со вас – рече Мисајловски и додаде дека под водство на генералот Најт соработката меѓу Националната гарда на Вермонт и нашата Армија, преку која реализиравме бројни активности – учества во мировни операции, заеднички вежби, обуки и едукација на персоналот – не само што продолжи, туку стана посилна, подлабока и позначајна.

Генералот Лафчиски се заблагодари за континуираната поддршка од Најт, истакнувајќи дека таа била препознаена во сите армиски единици. Дополнително, тој ја нагласи важноста на понатамошното унапредување на заедничките активности, особено во рамки на развојот на АП „Криволак“, обуката на персоналот и меѓународните вежби.

Генералот Најт истакнал дека за него ова партнерство претставува „навистина извонредно искуство“, додавајќи дека напредокот, заедничките постигнувања и професионализмот прикажан со текот на годините „се навистина впечатливи и вредни за признание“. Тој се заблагодари за гостопримството, колегијалноста и пријателството меѓу Армијата и Националната гарда на Вермонт.

Во знак на благодарност за успешната соработка, како и поради завршување на мандатот на генералот Најт, во Генералштабот на Армијата беше организирана церемонија на која министерот Мисајловски и генералот Лафчиски, на командантот на НГ на Вермонт му доделија пригодни подароци.

Фото: Генералштаб, Канцеларија за воени односи со јавноста

Во оваа прилика за остварени особени резултати и достигнувања во координацијата и соработката со Армијата на Република Македонија, генералот Лафчиски му додели златна значка за партнерство на потполковник Патрик Енрикез, за време на неговата служба во Канцеларијата за одбранбена соработка со  САД во нашата држава, која ја извршуваше во период 2017-2020 година.

На завршетокот на официјалната церемонија, генералот Лафчиски од страна на генералот Најт беше одликуван со Медал за истакната служба на Националната гарда  на Вермот, одликување кое се доделува за извонредна и витална поддршка на Програмата за државно партнерство со САД. При ова генералот Најт ги истакна лидерството и експертизата на генералот Лафчиски, кои имаат директно позитивно влијание врз напорите на Република Македонија во постигнување на НАТО целите како ценет партнер.

По активностите во Генералштабот и Министерството за одбрана, командантот на Националната гарда на Вермонт во текот на денот ќе оствари средба и со претседателката на Република Македонија и врховен командант на Армијата, Гордана Силјановска Давкова.

Во текот на утрешниот ден, генералот Најт ќе ја посети Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, каде се предвидени средби со раководството на оваа високообразовна институција.

Фото: Генералштаб, Канцеларија за воени односи со јавноста

Во рамките на петдневната официјална посета, која започна на 07.12.2025 година, генералот Најт во текот на вчерашниот ден оствари и средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.