фото: Маја Јаневска - Илиева

Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека онколошките амбулантски терапии веќе се дисперзирани и наскоро ќе се почне со нивна примена во Тетово, во Битола, Штип и во ГОБ „8 Септември“.

– Прво почнавме во овие центри затоа што таму имаме онколози, професионалци, кои соработуваат и работат заедно со експертите од Клиничкиот центар, и еднаш неделно нашите колеги од тука одат во Битола, во Тетово и во Штип, најверојатно следната недела ќе имаме и во „8 Септември“, ќе се отвори Онколошкиот центар и таму ќе почнеме со примена на терапии – рече Алиу при посетата на ЈЗУ Клиника за урологија.

Министерот истакна дека ова е прва фаза и потребно е да се има и цел тим на луѓе, ако во случај се комплицира нешто при апсорпцијата на терапијата, така што, додаде, во прва фаза ќе треба да се инвестира и веќе проектот е готов, и се анализира се што е потребно.

– На пример во Битола имаме простор за да може да се купи само ЦТ симулатор и после да се почне со терапијата, исто така треба и дополнителни обуки за колегите што работат во Битола, Тетово и во Штип, исто така и во „8 Септември“. Таа е втората фаза, затоа почнавме од првата фаза сепак се работи за пациенти и многу сме претпазливи бидејќи освен што таа процедура е сензитивна, мора да бидеме претпазливи да знаеме дека чекорот што одиме напред е чекор што е анализиран и е сигурен за сите пациенти – истакна Алиу.

Додаде дека протоколот во Битолската болница е готов и оти лично ќе оди таму со директорот од Онкологија, каде што ќе се објасни протоколот и ќе се започнат обуки, се со цел да може истиот да се имплементира.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски истакна дека првиот чекор за децентрализација на онколошката терапија го направиле со позитивната листа.

– Два лека од болничка листа се префрлени во аптеки и 2.500 пациенти со рак на дојка веќе не мора да одат четири пати годишно на Клиниката за онкологија. Пациентите ќе можат да ја подигнат терапијата во најблиската аптека, и 10.000 прегледи помалку на Клиниката за онкологија бидејќи тука процесот е за двете страни за да се обезбедат и достоинствени услови на Клиниката за онкологија. Многу бргу ќе биде и вториот чекор со биолошката терапија – нагласи Клековски.

Министерот Алиу минатиот месец ја објави новината во онколошката грижа – третманот на пациенти со карцином веќе нема да биде ограничен само на Скопје. Онколошките услуги ќе бидат дисперзирани и во болниците во Штип, Тетово, Битола и ГОБ „8 Септември“.