Фото: Министерство за здравство

Министерството за здравство изработи повеќе значајни измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, кои оваа недела се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР. Со тоа, на сите засегнати страни им се овозможува да достават свои мислења, сугестии и предлози, кои ќе бидат разгледани согласно утврдената процедура.

Министерот за здравство, Азир Алиу, истакнува дека процесот се води според принципите на транспарентност и отчетност и дека сите конструктивни забелешки ќе бидат земени предвид при подготовката на финалната верзија на новиот предлог-закон.

-Од досегашната примена на законот произлезе реална потреба за измени и дополнувања, особено во делот на постапката за вработување на здравствени работници и соработници во јавните здравствени установи, статусот на директорите на ЈЗУ, специјализациите и супспецијализациите, како и условите за пензионирање и работа по пензионирањето на здравствените работници, како и усогласување со други прописи – појаснува Алиу.

Меѓу позначајните предложени законски решенија е воведувањето приоритетно вработување на најдобрите дипломирани доктори на медицина од медицинските факултети во државата. За овие кандидати, доколку се пријават на јавен оглас, нема да се спроведува постапка за селекција, туку тие директно и приоритетно ќе се вработуваат во јавна здравствена установа.

Во рамки на постапката за вработување, предвидено е составот на комисијата за селекција да го предлага стручниот колегиум на установата, посебно за секое огласено работно место. Согласно резултатите од постапката, директорот ќе има законска обврска да го вработи најдобро рангираниот кандидат.

Во делот на специјализациите и супспецијализациите, со цел поефикасно планирање на потребите за медицински кадар и можностите за нивно реализирање, Владата во иднина, покрај програмите за државни и кофинансирани специјализации, ќе носи и посебна програма со која ќе се утврдува бројот на приватни специјализации и супспецијализации, согласно реалните потреби на здравствениот систем.

Дополнително, се предлага зголемување на старосната граница за ангажирање искусни доктори на медицина од дефицитарни специјалности и супспецијалности, со цел искористување на нивната стручност и искуство. За овие лица се предвидува можност, од 67 до навршени 70 години, да бидат ангажирани со договор во здравствени установи од мрежата, при што ќе ја задржат и пензијата.

Ангажманот ќе биде возможен врз основа на претходна согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, и тоа во случаи кога нема доволно услови за редовно извршување на одредена здравствена дејност или за обезбедување непрекинато функционирање – додава министерот Алиу.