Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека во наредниот период ќе им бидат одземени лиценците на уште три компании за одгледување марихуана, додека работата на уште една фирма е предмет на дополнителна анализа, пренесе МИА.
Како што информира министерот, досега биле процесуирани вкупно 23 компании, а за три од нив веќе е утврдено дека сигурно ќе останат без дозвола за работа. За четвртата компанија, пак, проверките сè уште се во тек.
Претходно, на прес-конференција одржана на 24 февруари, Алиу соопшти дека на шест компании веќе им биле одземени лиценците, од кои четири се поврзуваат со случајот за шверц на марихуана.
Според министерот, при контролите биле утврдени низа неправилности – од административни пропусти до проблеми со инфраструктурата, технолошките услови и човечките ресурси. Во дел од компаниите не функционирале системите за видеонадзор, додека во други немало доволен број вработени или обезбедување.
Министерството најавува дека вонредните инспекциски контроли ќе продолжат кај сите правни субјекти што имаат дозвола за одгледување канабис, при што ќе бидат опфатени вкупно 43 компании.
Во меѓувреме, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води истрага против шест лица поврзани со случајот со петте тони марихуана пронајдени во селото Коњух, кои претходно биле изнесени од земјава преку граничниот премин Табановце. Првоосомничен во случајот е косопственик на скопската компанија „Алфафарм“.
































