Министерот за здравство Азир Алиу денеска се сретна со претседателката на Фармацевтската комора, Весна Ставрова, и претседателката на Здружението на приватни аптеки, Џоана Андоноска.
На средбата, Алиу ја потенцираше дигитализацијата како еден од главните приоритети во сите сегменти на здравствениот систем, вклучувајќи ја и фармацијата, соопшти Министерството за здравство.
– Нашата заложба е континуирано унапредување на условите и воведување нови методи во јавните здравствени установи, како и нови услуги во аптеките. Исто така, посветено работиме на дигитализацијата во здравството и еден од приоритетите во следниот период ќе биде интензивирање на овие процеси и во сегментот на фармацевтските услуги и развој на институционалната поддршка за зајакнување на професионалната комуникација меѓу фармацевтите и матичните лекари – порача министерот Алиу.
Активно се работи и на проширувањето на позитивната листа од тимовите на Министерството за здравство, Комисијата за позитивна листа која ги разгледува и оценува апликациите од фармацевтските компании, како и Фондот за здравствено осигурување. Неодамна беше промовиран и нов модул за електронско поднесување барање за лек на позитивна листа, со кој ја започнавме дигитализацијата на постапката за ставање нов лек на позитивната листа, стои во соопштението од Министерството.


































