По отстранувањето на десет тони опасен хемиски отпад кој повеќе од една деценија се чувал во зградата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во Скопје, министерот за здравство Азир Алиу побара надлежните институции да утврдат зошто отпадот толку долго се наоѓал во центарот на градот.
Алиу оцени дека ваквата состојба е „жална и непрофесионална во најмала рака“ и нагласи дека задачата на Министерството е да обезбеди безбедна и неконтаминирана средина за граѓаните.
– Нашата надлежност е да обезбедиме средина која не е контаминирана за граѓаните да можат безбедно да се движат. Тоа го направивме со отстранувањето на отпадот, а понатаму надлежните институции треба да утврдат зошто толку долго се чувал ваков тип опасен материјал во центарот на Скопје – изјави Алиу.
Тој посочи дека отпадот е отстранет на професионален начин. На прашањето дали во други здравствени институции има сличен опасен отпад, министерот рече дека засега нема такви информации, но додаде дека не би бил изненаден доколку се утврди дека постојат и други вакви случаи.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, претходно информираше на социјалните мрежи дека отпадот е безбедно отстранет и нема да остане во земјава, туку ќе биде транспортиран и согорен во странство.
Таа посочи дека со акцијата е спречена потенцијална хаварија, бидејќи станувало збор за 10 тони опасен хемиски отпад кој повеќе од десет години бил чуван непрописно и претставувал сериозна закана за безбедноста и јавното здравје.
































