Министерството за здравство денеска информира дека сите граѓани имаат можност да пријават сознанија за евентуални неправилности во врска со вршењето кардиолошки и кардиоваскуларни интервенции, преку алатката Пријавете неправилност достапна на веб страницата на Министерството на следниот линк.
– Транспарентноста во секој процес е наш приоритет, така што кон секоја пријава на каква било неправилност во здравствениот систем пристапуваме со максимална одговорност и постапуваме согласно законските процедури. Токму затоа потсетувам дека преку оваа алатка на веб страницата на Министерството, граѓаните можат да пријават и сознанија за евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции. Министерството за здравство останува посветено на унапредување на здравствениот систем, а наш приоритет е здравјето и безбедноста на пациентите, истакнува министерот за здравство, Азир Алиу во пишаното соопштение.
Министерството за здравство воедно посочува во соопштението дека пријавувањето е доверливо и по секоја пријава ќе се постапува согласно законските процедури.
Потсетуваат дека веќе отпочнала со работа интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата. Посочуваат дека наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти.
Истовремено, Министерството за здравство испратила допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 до август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.