Советот на Месната заедница Галичник информира дека по разгледување на сите пристигнати апликации, за зет и невеста на Галичка свадба 2026 се избрани Александар Пендароски и Мартина Михајлова.
Одлуката, како што посочуваат, била исклучително тешка поради големиот интерес и бројните квалитетни пријави.
Како клучен фактор за изборот се истакнува нивната длабока и искрена поврзаност со Галичник, кој го доживуваат не само како традиција, туку како дом и дел од својот идентитет.
Изборот има и посебна симболика, бидејќи годинава се одбележуваат 35 години од првата современа Галичка свадба во 1991 година, кога биле венчани родителите на младоженецот. Со тоа, нивното учество претставува продолжување на семејна традиција и врска со корените.
Од Месната заедница изразија уверување дека избраниот пар достојно ќе ја претстави автентичноста, вредностите и духот на оваа вековна традиција.

































