- Какви судења и какви обвинителски акти ќе треба да се очекуваат од студентите – идни адвокати, судии и обвинители, присутни на овој протест, кои завчера со сета сила „хорски“ извикуваа: „УЧК, УЧК!“ – кратенка од 2001 година, која остана запаметена и како синоним за воената агресија против Република Македонија, со човечки жртви и материјална штета, чија цел беше територијален сепаратизам на етничка основа, и никој не беше ниту обвинет ниту осуден за тоа противдржавно и противуставно поведение?!
Завчерашниот протест на неколку стотини студенти Албанци од трите универзитета – Државниот универзитет во Тетово, државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје и приватниот Штулов универзитет во Тетово, организиран, како што беше најавен, за да се искаже „незадоволството поради јазичната дискриминација на Албанците“ и „неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит“, доби белези не само на отфрлање на македонскиот јазик како единствен официјален јазик туку и на скандалозно непочитување на државата Македонија и упатување закани кон неа и нејзините институции!
– Идните млади правници од албанскиот етникум со развеани албански и американски знамиња, без ниедно македонско знаме, со транспаренти само на албански јазик, упатија отворени закани кон постоењето на македонската држава. „Држава што не ги спроведува правата не може да постои!“ – рекоа организаторите на овој протест. Какви судења и какви обвинителски акти ќе треба да се очекуваат од студентите – идни адвокати, судии и обвинители, присутни на овој протест, кои завчера со сета сила „хорски“ извикуваа: „УЧК, УЧК!“ – кратенка од 2001 година, која остана запаметена и како воена агресија против Македонија, со човечки жртви и материјална штета, чија цел беше територијален сепаратизам на етничка основа, и никој не беше ниту обвинет ниту осуден за тоа противдржавно и противуставно поведение?! – велат наши соговорници.
Две зони на лингвистичка територијалност?!
Законот за јазиците од 2008 година и воведувањето на двојазичноста, која се бара сега како „природно право“ и во правосудството, ја претвори Македонија во терен не само за идентитетски и уставни инженеринзи туку и за, исто така, опасни јазични експерименти. Со тој закон како да започна процесот на непрогласеното создавање две „зони на лингвистичка територијалност“ во унитарна Македонија – „албанска“ и „македонска“ „лингвистичка територијалност“. Врвни европски и светски социолингвисти и политички експерти истакнуваат дека барањето за воведување два официјални јазика во правосудниот систем на една унитарна држава, каква што е и Македонија, одразува стремеж за воведување и за две „зони на лингвистичка територијалност“ во односната унитарна држава.
– Применето во случајот на унитарна Македонија тоа значи создавање „зона на албанска јазична територијалност“ и „зона на македонска јазична територијалност“. Појасно кажано, тоа е опасен чекор што води кон можно јазично и политичко-територијално цепење на Македонија! Чекор што води кон разбивање на унитарниот карактер на македонската држава и нејзино преобразување во јазична федерација, а во следните фази и во политичка федерација, или можеби и конфедерација – велат нашите соговорници.
Стоп за подмолните обиди, под плаштот на „демократијата“, да се менува државноста во дводомен карактер
На завчерашниот протест на студентите Албанци во Скопје беше пројавен стремежот за албанска јазична автономија во Македонија, замислена првин да профункционира во рамките на судовите, обвинителствата и другите рамништа и делови на правосудниот систем, потоа во скоро време, зависно од околностите и можностите, и во сиот политички систем на државата Македонија. На крајот македонската држава да се устрои како федерација на две „зони на лингвистичка територијалност“, односно на две политичко-територијални и јазични кантонални единици.
Меѓутоа, ни малку случајно Венецијанската комисија уште во 2019 година во свое официјално мислење, како што се истакнува, „ги повика властите во Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни“, експлицитно давајќи „препораки до властите особено за напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки“. Правните експерти на Советот на Европа во составот на Венецијанската комисија подвлекуваат дека споменатиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди, утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Венецијанската комисија оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување нереални правни обврски на јавните институции, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судската постапка. Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.
Венецијанската комисија, како стручно-правно тело на Советот на Европа, ги повтори овие ставови и препораки и во најновото мислење упатено до Владата и Уставниот суд од крајот на март годинава. Но испаѓа дека организаторите и партиите што стојат зад студентскиот протест не само што го отфрлаат македонскиот јазик, со закани кон државата, нејзиното устројство и унитарност, туку тие ги отфрлаат и аргументираните ставови на Венецијанската комисија, која е сочинета од 61 врвен експерт за уставно право и меѓународно право од исто толку држави. Р.Н.М.
Мицкоски: Ги информиравме НАТО и ЕУ за обидите за дестабилизација на студентскиот протест
Владата ги информирала сојузниците во НАТО и во ЕУ за обид за дестабилизација од страна на опозицијата за време на неодамнешниот протест во Скопје, на кој студенти бараа полагањето на правосудниот испит да се спроведува и на албански јазик.
Како што вчера соопшти премиерот Христијан Мицкоски, присуството на голем број опозициски активисти и високи функционери му дало политичка конотација на завчерашниот протест.
– Видовме голем број опозициски и активисти и високи функционери што беа на протестот, давајќи му и политичка конотација. Ние за тоа ги информиравме нашите сојузници и во НАТО и во Европската Унија за обид на опозицијата на одреден начин да направи дестабилизација и мислам дека тоа не наиде на одобрување од високи претставници на меѓународната заедница – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања. Р.Н.М.
































