Превенцијата во рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотребата на штетните материи како алкохол, цигари и дрога, а образованиот процес е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во рамки на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“, во организација на Аналитика Тинк Тенк.
-На оваа регионална работилница се зборува за една горлива и многу сериозна тема, злоупотребата на тутунот и електронските цигари кај младите. Она што е навистина поразително е штетното влијание на здравјето. Тоа мора да го превенираме и Министерството за образование и наука и Владата преземаат определени чекори првенствено за превенција за да ги избегнеме трошоците за лекување во подоцнежите години – нагласи Јаневска.
Таа потсети дека новина од оваа година е воведување на предметот „Учам за моето здравје“.
-Она што го правиме во образованието кое всушност е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи е дека и во основното и во средното образование во различни предмети се присутни теми за здравствена писменост, и еве една новина во седмо одделение оваа година е воведен изборен предмет „Учам за моето здравје“ – рече Јаневска.
Министерката истакна дека во новите законски решенија за основно и средно образование ги задолжиле училиштата да спроведуваат програми против дискриминација, против насилство, против малолетничка деликвенција, но и против злоупотреба на овие супстанции – тутунот, алкохолот и дрогата.
-Дополнително во изминатиот период е почната една програма со Канцеларијата за борба против дрога и криминал на ОН и со Меѓународната фондација Лајонс клуб за превенција од ваквите негативни појави која се вика „Вештина за адолесценција“, и која во перидот на Ковид е запрена. За жал минатата Влада не покажала интерес оваа програма да продолжи. Во неа треба да се обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 училишта како да се превенираат несаканите појави во училиштата. Ова Влада реши да ја продолжи оваа програма и обуката на крајот на оваа година продолжува за да можеме да ја оствариме својата цел – информира Јаневска.
Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика тинк тенк истакна дека Македонија се уште рангира како земја со една од повисоките стапки на пушење.
-Факт што нас не загрижува и нашите анализи што покажуваат е дека младите во Македонија покажуваат сериозна стапка на пушење. Она што можеме да го направиме и како тинк тенк и како цело општество е да реагираме соодветно. Прво на младите под 18 години – анализите ни покажуваат дека им се забранува продажба при продавање значи треба да се почитува законската регулатива. Најважна е и едукацијата и превенцијата да почнуваат од многу рана возраст. Од рано да ги едуцираме младите дека генерално пушењето е штетно и да развиваат пиозитивни навики – рече таа.
Според неа, она што е најфрапантно и анализите што покажуваат дека веќе на 13 годишна возраст младите почнуваат да пушат.
-И штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие веќе и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат. Затоа кажав дека бројките се алармантни. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не пак да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја безбедна варијанта којашто нема да им пречи. А според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите – рече Мијовиќ Спасова.
На работилницата учествуваат претставници од медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните организации со цел да се поттикне посилна соработка и да се истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази, во согласност со приоритетите за интеграција во ЕУ.