Фото: Ка.М

Дебелината кај населението во Македонија е алрамантна. Црвениот аларм е појавен и треба да се подигне свеста за превенција од дебелина, за која причините се лошите навики на исхрана, недоволната физичка активност, стилот на живот. Загрижува фактот што се зголемува дебелината и кај младите и децата.

„Дебелината треба да се препознае и да се превенира“. Ова беше посочено денеска во Здравствениот дом при општа болница „Борка Талески“ во Прилеп од проф. д-р Ирфан Архемти, директор на Клиниката за ендокринологија, на отворањето на регионален Центар за менаџирање на дебелина.

Фото: Ка.М

– Ова е прв ваков Центар во регионот. Проблемот со дебелината е причина за многу болести кај населението. Затоа беше предизвик да започнеме со ваков Центар, кој ќе работи преку мој термин, и ќе биде ангажиран доктор ендрокринолог. Дебелината го нарушува квалитетот на живеење, работоспособноста кај населението и затоа центарот ќе придонесе за следење на состојбата – рече доктор Кире Јоноски, директор на прилепската болница.

Според доктор Катерина Чешлароска – Маркушеска, субспецијалист ендокринолог, Центарот за менаџирање на дебелината, кој се отвори е многу значаен, бидејќи дебелината е хронична болест, која е ризик фактор и причина за појава на други болести како дијабетис тип 2, хипертензија, кардиоваскуларни заболувања…

– Пациентите ќе се дијагностицираат, ќе се прават лабароториски анализи, ќе се одредува телесната дистрибуција на масно ткиво, ќе се врши едукација за начинот на исхрана, промена на животните навики, физичка активност, и ќе се препорачува соодветен третман. Навременото менаџирање на заболувањето е важно за да има подобар квалитетот на живот на пациентите, а ќе се превенира и лекувањето на другите заболувања – рече доктор Чешлароска – Маркушеска.

Сатистичките податоци говорат дека во 2025 година 65 проценти од возрасното население во Македонија имало зголемен индекс на телесна тежина, додека 30 проценти живеат со дебелина како болест. За Прилеп дополнително ќе се собираат податоци.

– Со отворањето на овој регионален центар фактички доаѓаме до нашата цел секој регион да има Центри за менаџирање на дебелината, која е пандемиска болест. За жал и ние сме дебела земја во висок центар. Дебелината предизвикува преку 200 други комборбидитети. Целта е да се препознае дебелината и да се подигне свеста кај населението и кај здравствените работници. За жал и ние како здравствени работници се уште не ја поставуваме дијагнозата за дебелината, бидејќи ги регистрираме другите болести. Раното дијагностицирање, современиот третман е многу важно да се надминат болестите – посочи д-р Ирфан Ахмети.

Ка.М.