Прилеп

Општина Прилеп, во соработка со Центарот за развој и едукација – Прилеп, наскоро ќе отвори центар за дневен престој на стари лица за активно стареење. Просторот ќе биде адаптиран во старата зграда на месната заедница „Рид“, а реновирањето се очекува да заврши до крајот на септември. Центарот треба да започне со работа од први јануари 2026 година. Проектот е дел од грантот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на Светската банка, и ќе биде петтиот центар од ваков вид во државата.
Установата ќе има капацитет за 48 корисници, кои ќе престојуваат во две смени, по четири часа дневно, под надзор на тим од четири стручни лица.
– Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење претставува значаен чекор во градењето хумано, инклузивно и грижливо општество. Овој центар не е само простор каде што повозрасните сограѓани ќе го поминуваат своето време туку вистински ресурс за подобрување на нивниот квалитет на живот преку промоција на концептот на активно стареење. Со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и од Светската банка, реконструираме постоен простор и воспоставуваме нови, приспособени социјални услуги во согласност со реалните потреби на повозрасното население. Неодамна го потпишавме договорот за грант со министерството, како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги – првиот конкретен чекор што денес го преточуваме во реалност. Горди сме што Прилеп воспоставува центар од ваков тип, со кој се зајакнува пристапот до социјална заштита и се демонстрира вистинска грижа за граѓаните. Овој центар е симбол на меѓугенерациска солидарност и потврда дека секоја категорија граѓани заслужува достоинствен живот – вели Борче Јовчески, градоначалникот на Прилеп.
Од Центарот за развој и едукација – Прилеп истакнуваат дека ова е уште една успешна заедничка иницијатива со Општина Прилеп, која претставува значаен чекор во грижата за лицата од третата доба.
– Центарот ќе нуди социјална и здравствена поддршка за старите лица, работа со психолози, поврзување со здравствени работници, како и едукативни и културни активности. Сите услуги ќе ги обезбедува професионален кадар, кој ќе биде вработен во центарот. Вкупната вредност на проектот е околу седум милиони денари – од кои два милиона се предвидени за реконструкција и опремување на просторот од 100 квадратни метри, а преостанатите пет милиони денари се наменети за вработување четири лица, режиски трошоци и за обезбедување материјали потребни за спроведување на планираните активности во првата година – потенцира Марина Тошеска од Центарот за развој и едукација – Прилеп. К.М.