Уставниот суд е со четири судии помалку од предвиденото и оваа состојба трае повеќе од шест месеци. Со ваква ситуација Судот се соочува за првпат и со секој поминат ден граѓаните трпат штети, бидејќи нивни иницијатвии и предмети се одложуваат, а Судот не може да одлучува, изјави претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, по денешниот работен состанок со претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.
Доколу до декември не се изберат судии, Кацарска рече, дека тогаш дефинитивно Уставниот суд е блокиран зошто со четворица судии нема да може да работи и одлучува.
Оваа состојба, нагласи Кацарска, не е проблем само за Уставниот суд, туку и на државата и очекувам поддршка и нивна заложба за побрзо надминување на ситуацијата.
– Уставниот суд е независна институција и токму поради намерата да се заштити независноста и угледот на судот, неформални средби со политичари немаме и нема да има ниту во иднина. Затоа ќе ја информираме јавноста за секоја промена и сите апели и барања за поддршка – изјави Кацарска.
Уставниот суд, според Кацарска, функционира на граница од кворум и многу луѓе се засегнати од предметите кои заостануваат, како што е законите за социјална заштита, за јавно обвинителство, за даноци и одлуки за оспорување на ДУП-ови.
– Овој проблем е на штета на граѓаните. Состојбата е проблематична и во очите на меѓународната заедница. Апелирам Уставот да се почитува. Важни прашања, како што се Указот за прогласувањето на Преспанскиот договор и Законот за јазиците нема да бидат ставени на дневен ред на седница се додека не се изберат сите девет судии во Уставниот суд – изјави Кацарска.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери на состанокот образложил дека секогаш давал поддршка за независноста на судската власт и неговата функционалност.
-За жал, со сета негова добра волја, постапката за избор на нови уставни судии е заглавена во Комисијата за избори и именувања и единствено што може е да апелира до колегите да се однесуваат државнички и да овозможат одблокирање на изборот за час поскоро да се комплетира Уставниот суд и да може да продолжи со нормално функционирање и во полза на граѓаните – се наведува во соопштението од Собранието.