ФОТО: ЦУК
На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) на пладне, 11:56 часот, е добиен повик за повредено лице со скршеница на нога во пределот на Горно Водно, во близина на Милениумскиот крст. Веднаш преку Секторот за операции и координација во ЦУК е покрената акција за спасување и транспорт на повреденото лице.
ЦУК, од Спасителната екипа на Црвениот крст побарал интервенција, прво по можност со специјализирано возило за извлекување на повреденото лице. Истовремено, ЦУК, паралелно и координирано остварувал комуникација со Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, со Итната медицинска помош, со МВР, а и со ЈП за жичницата.
Услови за остварување на спасителната акција биле тешки, заради силниот ветар на планината, а и заради тоа што патот од Средно Водно до Милениумскиот крст бил непрооден и тежок за било кое возило, особено на осоите во сенка. Биле контактирани и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК).
Направен е и напор Итната медицинска помош да стигне и преку алтернативен пат преку Сопиште и Горно Соње, но медицинската екипа се доближила на 1,5 километри до Милениумскиот Крст и јавила дека патот не дозволува понатамошно движење. Веќе ЦУК имал стапено во координација со Хеликоптерската единица на МВР за можен ангажман и тогаш ЦУК упатил барање за подигање на воздухоплов – хеликоптер, заради евакуација и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата.
Инаку, паралелно со координацијата со повеќето субјекти за акцијата, бил остварен и контакт од ЦУК со Јавното претпријатие за стопанисување со жичницата, за таа да биде вонредно вклучена, но добиле информација дека заради силниот ветер и автоматското сензорно контролирање не можело истата да се вклучи заради небезбедни услови за движење.
Истовремено, ЦУК стапил во контакт и со Ургентниот центар на Државна болница во Скопје и побара прифаќање на повреденото лице коешто со хеликоптер беше пренесено и спуштено на хелиодромот на болницата.
Во моментот на нашето испраќање на оваа информација, акцијата за спасување и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата кај Милениумскиот Крст на Водно успешно заврши.