Академик Стојко Стојков смета дека односите меѓу Македонија и Бугарија се во жална состојба и дека ќе има блокада од источниот сосед на нашите евроинтеграции можело да се претпостави претходно. Сега, вели, Македонија нема друг избор освен да се бори, затоа што, смета дека една отстапка би водела кон нови отстапки.
– Односите меѓу Македонија и Бугарија се во многу жална состојба. Но, тоа е нешто што се очекуваше и коешто со децении се „билда“ – истакна академик Стојков, кој денеска на Факултетот за образовни науки (ФОН) при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип присуствуваше на свечениот Наставно-научен совет по повод неговиот избор за член на МАНУ надвор од работниот состав.
Стојков кој живее во Сандански, Република Бугарија, а е универзитетски професор по историја на ФОН при УГД-Штип, вели дека многу пати досега има предупредувано оти Бугарија ќе ја блокира Македонија на патот за ЕУ.
– Тоа се знаеше уште пред 20 години, не е ништо ново, за жал, овде многу политичари си ги затвараа очите. Сега Македонија нема кој знае каков избор, освен да се бори. Нема друг избор, бидејќи какви било отстапки ќе водат кон нови отстапки и коишто ќе одат кон нови отстапки итн., и тоа нема да има крај. Додека не се смени политичката рамка, којашто сега постои во Европа и во односите Бугарија – Македонија, јас не мислам дека може да се очекува некој сериозен прогрес – вели Стојков.
Стојков додаде дека ќе продолжи да се бори Македонците во Бугарија да имаат свои здруженија, организации, она што не им е дозволено, а е демократско право на еден граѓанин, како и за признавање на македонското малцинство во Бугарија, кое, какошто вели „ќе реши голем дел од проблемите меѓу Македонија и Бугарија“.
Инаку, Стојков кој е избран за член на МАНУ, надвор од работниот состав, вели дека ова за него претставува голема чест и признание.
– Признание за сѐ што имам направено досега. Признание и за работата што ја имам извршувано на нашиот Факултет за образовни науки, како историчар. Признание и за се што сум постигнал во борбата за првата на Македонците во Бугарија и за истражување на историјата на македонското малцинство во Бугарија, со книгите што сум ги издавал и на крајот сметам дека тоа е едно признание за поддршка на Македонците во Бугарија да имаат свој претставник во МАНУ. Знаете дека трационално секогаш имало Македонци од Пиринска Македонија таму. Мене ми е чест да се придружам на нивниот ранг, како Ѓорѓи Поп Атанасов-академикот, но и како покојниот Иван Катарџиев и други – вели Стојков.
Тој истакна дека како член на МАНУ, надвор од работниот состав ќе продолжи во истиот правец, но со поинтензивно темпо, бидејќи носи морална обврска за повеќе да се работи и истражува.



































