Фото: Н.М.

„Научното и уметничкото творештво е и среќа и коб, смисла на постоењето, но таа смисла станува бесмислена, без човечка толина, толерантност и разбирање, без срце на дланка“, е мисла на академикот Јордан Поп Јорданов, која денеска поповод сто години од неговото раѓање ја изнесе пртседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Живко Попов пред пруситните на настанот, на кој се оддаде почит на животот и делото на Поп Јорданов.

-Научната строгост, енергетските концепти, неговото сфаќање за науката и човечноста, како и личните спомени од неговите соработници се делови од една целина. Тој е човек што ја разбирал науката како обврска, а не како престиж – истакна претседателот на МАНУ пред присутните, додавајќи дека неговото дело продолжува да живее во институциите, што ги создал, во научните хоризотни што ги отворил, во, како што дополни, „сите нас кои ја носиме неговата мисла како ориентација и како обврска“.

Попов нагласи дека Поп Јорданов е научник, чија интелектуална димензија одамна ги надминала рамките на нашата земја и оставила длабоки траги во науката, институциите и генерациите, што работеле со него.

Јордан Поп Јорданов е роден на 23 ноември 1925 година во Велико Градиште, Србија. Гимназија завршил во Штип, дипломирал на Филозофскот факултет во Скопје, а потоа дипломирал и техничка физика на Електротехничкиот факултет во Белград, каде во 1964 година и докторирал. Работел во Институтот за нуклеарни науки во Винча, кој како што истакна академик Попов во тоа време бил најсилниот научен центар во Југоисточна Европа. Во 1971 година преминува на Електро-техничкиот факултет на Белградскот универзитет, каде што до 1983 година е редовен универзитетски професор. Тој таму предавал атомска статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродиманика и воедно ја основа првата постдипломска насока за сончева енергија во поранешна СФРЈ. Од крајот на 1983 година работи во Скопје.

Претседателот на МАНУ потсети дека Поп Јорданов учестувал на научни собири во дваесетина земји, бил член на меѓународни академии и редакции, тој носител на бројни награди од Винча, од УНЕСКО, од Светската иновациона фондација, како и државни одликувања…

Бил претседател на научниот совет на Институтот за нуклеарни науки во Винча, декан на Електро-техничкиот факултет во Белград, референт за избор на професори на повеќе универзитети во Европа и Америка. За дописен член на МАНУ бил избран на 25 декември 1969 година на првото редовно изборно собрание, а за редовен член на 26 декември 1974 година. Во 1993 година го основа Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ, препознаен како Центар на одличност, со кој раководел до 2012 година. Неговиот научен опус опфаќа околу 300 научни и стручни трудови, објавени во реномирани научни списанија.

Автор е на универзитетските учебници „Нерамнотежна статистичка физика“ (1981) и „Квантна електродинамика“ (1983), како и на неколку книги во земјата и странство. Објавил околу 300 научни и стручни трудови главно во меѓународни научни списанија и монографии, од кои најмногу се од полето на неутронската физика, електричното инженерство, енергетиката и одржлив развој, мозочниот електрицитет и филозофијата на науката.

-Научните придонеси на академик Поп Јорданов се вистинска реткост во својата ширина. Во теориската физика тој го развива методот за термализација на неутроните, светски познатата метода на Поп Јорданов, во квантните модели на материјали за соларни ќелии со својот тим истражува нови квалитетни состојби во тенките филмови, т.н. канализирани состојби значајни за подобрување на ефикасноста на соларните технологии. Во областа на енергетиката ги истражува ризиците од енергетски технологии, како и холистичките интерпретации со вклучување на психосоматските ризици. Неговите резултати биле прифатени во рамки на Националната академија на науките на САД, со модфикација на стандарната парадигма за проценка на ризиците – истакна Попов.

Тој додаде дека преку неговите истражувања во енергетското планирање и мерките за уважување на климатските промени академик Поп Јорданов уште тогаш ја насетил насоката на идниот енергетски развој, токму онака како што самиот кажувал.

-Се што во науката е откриено, некој поет претходно го сонил, во тој смисол со право може да се каже дека тој беше поетот што ја сонил македонската енергетска транзиција. Со него науката воведува нов пристап за утврдување на средната фреквенција на ЕЕГ спектарот, бреин реид, како прелиминарен показател за нивото на општата ментална активација, при различни ментални состоби. Исто така го оформува концептот на ментални индикатори во метриката за одржлив развој, иноватовна идеја, која го отвора прашањето на влијанието на информацискиот стрес, когнитивните и емоционалните капацитети, како дел од пошироката рамка на општествениот развој. Во филозофијата на науката се занимава со онтолошките, гносеолошките и аксиолошките теми на современата физика и технички науки – истакна Попов.

Тој додаде дека меѓудруготот предмет на неговите истражувања е и декарбонизацијата, како еден од клучните предизици за сигурното снабдување со енергија во 21. век.

-Посочува на тријадата ефикасно, доволно, одржливо, која ги трасира патеките на декарбонизацијата – нагласи претседателот на МАНУ.

Попов истакна дека научниот опус на Поп Јорданов е собран во четири тома избрани трудови, изготвени од МАНУ по повод 90-годишниот јубилеј, но додаде дека и тие четири тома претставуваат само еден дел од она што го создал.

-Она што е суштинско за академик Поп Јорданов е дека тој не беше само автор на трудови, туку носител на вредности од него останаа институциите што ги создаде, генерации научници што ги обликува и пред се мисла што продолжува да живее во нашата работа. Тој ја сфаќаше науката како морална категорија. Во еден од своите записи го формулира она што и денес е нашиот ориентир, науката е светска или воопшто не е наука. Тој навистина ја живееше таа реченица, неговото присуство во повеќе странски академии, неговите меѓународни проекти, врвни меѓуародни научни конференции, неговите предавања ширум Европа, Америка и Азија, сето тоа беше последица на еден длабок внатрешен принцип дека науката мора да биде дел од светот, е не затворена во одредени граници – нагласи претседатот на МАНУ пред присутните.

Настанот беше во организација на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој, а за делото на Поп Јорданов говореа и дописаниот член на МАНУ, Зоран Хаџи-Велков, кој е раководител на Истражувачкиот центар, д-р Мирко Тодоровски, професор на Факултетот за електротехника и информатички технологии при УКИМ, д-р Наташа Марковска, научен советник во Истражувачкиот центар и д-р Владимир Пешевски, поранешен научен соработник во Истражувачкиот центар.

Академикот Поп Јорданов почина лани во март на 98-годишна возраст.

Фото: Н.М.
Фото: Н.М.
Фото: Н.М.
Фото: Н.М.
Фото: Н.М.

Фото: Н.М.
Фото: Н.М.