Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) неделава, од 10-ти до 12 февруари, спроведоа 124 вонредни контроли кај големите маркети низ земјава кои имаат ланци на супермаркети, дисконти и хипер маркети. Притоа се донесени 47 решенија за утврдени недоследности и изречени се 29 парични казни во вкупна вредност од 82 илјади евра. Нештетно се уништени и 22,3 тони небезбедна храна, од кои најголем дел месо.
Кај 15 оператори се утврдени незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 е најдена храна со поминат рок на употреба, а кај пет храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана.
Тројца од контролираните оператори не извршиле задолжителни здравствени прегледи за вработените, 10 не воделе записи за HACCP, Добра хигиенска и Добра производствена пракса. Кај четири оператори се најдени несоодветно означени производи, а еден објект не бил регистриран.
-Целта на контролите беше проверка дали операторите се регистрирани во АХВ за сите дејности и активности во секој од објектите, дали и колку се исполнети општите и посебните хигиенски услови за храна, со акцент на спроведување на контроли во деликатес одделите и месарниците, како и во месарниците кои изработуваат свежи подготовки од месо. Покрај ова се контролираше и исполнетоста на процедурите за чистење и дезинфекција на опремата, приборот за работа и спречување на вкрстена контаминација, снабдувањето со безбедна вода, поседувањето на санитарни книшки и сертификати за стручна подготовка на вработените лица кај операторите, чувањето и складирањето на храната, нејзиното потекло, следливоста (проверка на комерцијалните документи), како и почитувањето на температурниот режим за храната од нејзиниот прием до ладилник, посочуваат од АХВ.
Според АХВ, контролирани беа и водењето записи за НАССР, Добрата производствена и Добрата хигиенска пракса, означувањето на храната, плановите за сопствено мострирање на операторите, спроведувањето на операциите за пакување/препакување, дезинфекција, контрола на штетници, а со вонредните контроли опфатени беа и магацините на операторите.