Нашите политички противници нека се подготват за новиот предизвик кој следи следната година на локалните избори, истакна Али Ахмети, лидер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), во обраќањето на прославата за 22 години од формирањето на оваа политичка партија, а посветено на актуелните превирања во албанскиот блок по парламентарните избори.
– Секој може да добие мандат да формира влада, но не може секој да добие мандат да одлучува кој ќе ги претставува Албанците во таа влада – рече Ахмети, алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди, од каде најавија формирање на нова влада.
Ахмети пред сопартијците во ресторанот „Нов Албис“ во гостиварска Долна Бањица првиот дел од неговото обраќање го посвети на достигнувањата на оваа политичка партија низ двете децении делување. Тој ги наброја речиси сите изборни циклуси, во кои, како што напомена, извојувале победи. Од општествените процеси во кои имале влијание, покрај уставните измени, зачленувањето во НАТО, како позначајни ги истакна потпишувањето на Охридскиот договор, користењето на албанскиот јазик во институции и јавниот живот, учество на Албанци при одлучувањето во извршната, законодавната и судската власт. Според Ахмети, ДУИ успеала да се наметне и да добие значајни министерски позиции и, како што рече, првиот премиер Албанец.
Тој говореше и за актуелната состојба осврнувајќи се на прозивките од одредени лидери на партии за одговорност и вмешаност во корупција на кадрите на ДУИ и јавно побара соодветните институции да иницираат постапки.
– Седум години се обидуваат нè оцрнат и се занимаваат со ДУИ. Ги повикувам органите да иницираат истраги за сите кои биле на раководни функции, почнувајќи од мене – рече Ахмети.
-Ахмети е поразен на 8-ми мај и сега доаѓа ново поглавје во политичката историја на Албанците во Северна Македонија. Таа нова историја ќе ја пишува ВЛЕН како победници во чисто албанскиот политички кампус. Времето на 22 години режим на ДУИ два пати со СДСМ и еднаш со ВМРО-ДПМНЕ конечно заврши – реагираа од Вреди.
-Партиите кои раководат со албанските општини како Тетово, Гостивар, Чаир најмалку може да се слаби или неподготвени. Жалиме што Ахмети се мачи да ја прифати реалноста дека ќе биде опозиција. Добро би било да објасни на своите гласачи дали е точно дека на Мицкоски му понудил да избере само 4 министерства кои би му ги дал на целиот Европски фронт без собраниски спикер, за да влезат во неговата Влада наместо ВЛЕН? Да видиме кои се тие кои без срам и перде коленичат да влезат во Влада токму со оние кои во кампањата ги обвинија дека работат за Путин и Русија? Искрено сметаме дека Али Ахмети треба да престане да си го руши и тоа малку што остана од митот за неговиот лик и дело од 2001, после аферите со “Соравија” и казино бизнисите. Недозволиво е еден човек кој пред 25 години се борел за правата на Албанците, сега да предизвикува омраза меѓу Албанците само за да обезбеди амнестија за своите корумпирани функционери. Срамно е, понижувачки е! Не е ништо страшно да се биде опозиција. Нека се реформираат, нека се прилагодат на модерното време на 21 век и бујрум нека чекаат шанса на следните избори. Ниту една лична кариера не е поважна од сигурната иднина на Албанците во ЕУ! – велат оттаму